Кога ѓаволот ќе дојде по своето

Од:

Дали можеше да се предвиди овој референдумски дебакал на власта? Без претенциозни пост фестум анализи, во стилот „после изгубената битката сите генерали се паметни“, сепак во текот на целата референдумска кампања постоеа некои назнаки кои наговестуваа дека владиниот огномет ќе остане неиспукан.

За да се објасни главната назнака за неуспехот на референдумот треба да се вратиме точно две години назад. На тогаш оддржаните предвремени избори (декември 2016 година), во предизборните истражувања на јавното мислење за тоа кои приоритети им се најважни на граѓаните и очекуваат новата власт да ги исполни, на првите две места беа ослободување на заробеното судство и намалување на сиромаштијата и невработеноста. На последните две места на анкетите, како најнебитни за граѓаните, беа меѓуетничките односи и проблемот со името со Грција. Врз основа на вака дефинираните приоритети, граѓаните го поддржаа Зоран Заев и СДСМ на изборите. Она што следеше по формирање на новата влада беше целосно изместување на тие приоритети, така што последните два постанаа најважни, а на првите два се заборави. Затоа, денес кај многумина е доминантен впечатокот дека единствено или најмногу по што може да се препознае работата на оваа Влада во досегашниот мандат е носењето на Законот за употреба на јазиците и Согодбата за името со Грција.

Со таков биланс, кој претствува поголемо или помало изневерување на очекувањата на гласачите, за очекување беше дека еуфоријата и ентузијазмот од локалните избори нема да се повторат и на референдумт. Искусни и умни стратези (какви Заев немал анагажирано околу себе) во ваква деликатна кампања за промена на име на држава, сигурно би му предочиле дека со ваков минат труд на Владата не може да очекува успех на референдумот. Затоа, би му советувале да подработи нешто и на двата приоритета кои беа најважни за граѓаните пред изборите; барем и како блеф или провизорно, за, преку нив, да им се продаде и Спогодбата за името. Вака, како се заврши референдумот, испадна дека во лов се тргнало со ќорци-фишеци, а се сакало да се улови мечка. Тоа е невозможна мисија.

Нова партиска каста

Покрај неисполнетите предизборни очекувања на гласачите, сите овие месеци Владата на Заев ја потресуваа и најразлични скандали од потесниот круг на негови соработници. Непотизмот, корупцијата, неодговорноста, ароганцијата, некомпетентноста станаа подоминантни фактори во перцепцијата на граѓаните отколку борбата против нив. Големата популарност и симпатиите кои Заев ги имаше во времето на опозициското делување, погрешно се пресметало дека му се (сѐ уште) непотрошен ресурс и се поголем капитал во однос на евентуалните критики.

Својот ореол на чесност Премиерот почна да го начнува уште од првиот ден како мандатар. Така, си дозволи најпрво да состави кабинет со лица (пред сѐ од ДУИ) кои беа искомпромитирани како министри во владата на Никола Груевски. Ако таа влада беше оценета за корумпирана и криминална, не може да се прифати дека евентуалната чесност на министрите била поделена по етничка линија. Сепак, граѓаните, само поради авторитетот на Заев, ја прифатија новата Влада со стари кадри за реформска.

На ред дојде обзнанувањето на срамната листа на советници кои премиерот Заев ги имал ангажирано во својот кабинет. Не се знаеше од што беше поголема разочаранста – дали од нивниот огромен број од 56 советника, или од нестручноста и некомпетентноста на голем дел од нив. Јавноста дозна дека Премиерот имал советници и за политичко-економски состојби во регионот на земјите од Голфскиот залив и за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блиски Исток. Освен забеганите советнички сектори, дополнителна фрустрација за демократската јавност беа и некои имиња на листата на советниците: Драгиша Милетиќ, за меѓуетнички односи, Миле Зечевиќ за адвокатски услуги, Љубе Бошкоски за странски инвестиции, Цветанка Ласкова за советник за култура. Сите примени и ангажирани без јавен оглас, со сомнително образование и очигледна некомпетентност. Јасно беше дека не станува збор за некакви советници-експерти, туку за највулгарно ухлебување на партиски членови.

Ако на тоа се додадат и ангажманите на заменик министри, како примерот со Јани Макрадули, кој во животот не може да биде ништо друго освен или невработен или да паразитира на државна цицка, потполно неспособен да го материјализира своето образование во приватен сектор. Тонч на сѐ беше поддршката која реформската влада на Заев ја доби од Амди Бајрам. И Заев, како и Груевски, продолжи да создава партиска каста во државата, и поделба на привилегирани и обични граѓани.

Последниот момент кој можеше, евентуално, да го спаси референдумскиот дебакал беше избивањето на скандалите со доделувањето на средства од Фодот за иновации и технолошки развој и тендерот за набавка на реагенси. Пресуден тест за премиерот Заев да ја валоризира својата декларирана заложба за чесно и транспаретно работење. Наместо тоа, засвири истата плоча на Никола Груевски, само превртена на страната Б. Следеа иритантни објаснувања дека и членовите на Владата и државните функционери имале исти права како и останатите граѓани да учествуваат на јавните повици на владата и министерствата. Во спротивно би била направена неправда и нивна дискриминација. Демократската јавност бараше оставки и разрешувања; Заев немаше разбирање за тоа – ако прифател ќе немал со кого да работи.

Мицковски е виновен за сѐ

За цело време, реформата во правосудството си стоеше во место; како да сме имале скандинавска промена на власта, па континуитетот во неполитизираното судство да е разбирлив и нормален. Извештајот на Прибе веќе никој не го спомнуваше како темелен патоказ во работата на владата за ослободување на заробената држава. Голем број граѓани – жртви на претходниот режим – наместо да добијат правна сатисфакција со брза ревизија на криминалните пресуди од сваровски судството, се оставија, како да е состојбата најрегуларна, својата правда да ја бараат во понатамошни долги и исцрпувачки судски постапки. Многу побарувања по основ на оштета од државата, кои требаше да им се исплатат на граѓаните од буџетот, продолжија да се развлекуваат по судските лавиринти. Сѐ со намера да не се „оштети“ буџетот, иако законот и правдата се на страна на граѓаните-тужители. Во исто време, Владата беше многу галантна кога требаше да се доделуваат буџетски средства за фирмите на Кочо Анѓушев, снаата на Цветанка Ласкова, синот на Хари Локвенец, ќерката на Никола Димитров.

Премиерот Зоран Заев не само што не го спречуваше овој непотизам и јавашлук во трошењето на државни пари, туку застана и во нивна одбрана со спасоносниот изговор: „сѐ било согласно законот и предвидените процедури“. Истата изјава со која во времето на Никола Груевски се успеа да се украдат стотици милиони евра. Тоа што таквите груевистичките закони и процедури не се темелат на морални начела, не беше мотив за оваа Влада и новиот парламент да ги сменат, туку продолжија да постапуваат по нив.

Наместо јасна, јавна и силна критика на ваквите политики на новата демокатска влада, медиумите и невладиниот сектор блсики до владата за цело време вршеа дефокусирање од реалните и приоритени проблеми за граѓаните и неисполнети ветувања на новата влада. Главен државен проблем беше опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицковски. Те се пазарел за амнестија на Никола Груевски, те не се изјаснувал како партијата ќе се позиционирала на претстојниот референдум. Да бевте странец, и да ги читавте провладините портали, кои на дневна основа публикуваат колумни и авторски ставови, ќе добиевте впечаток дека со Македонија сѐ уште владее ВМРО-ДПМНЕ.

Основната должност на новинарите, како кучиња набљудувачи, и на невладиниот сектор, да ја опсервираат власта и критикуваат за неправилностите, беше потполно запоставена. Водењето црна кампања против опозицијата, во многу делови наликуваше на односот кој го имаа груевистичките куртон медиуми кон тогашната опозициона СДСМ и Бранко Црвенковски. Сега, можеби, за нијанса посуптилно (овие како да се со лубрикант куртон медиуми), се создаде привид дека за сите несреќи во државата, вклучително и за можниот неуспех на референдумот, виновни да се исклучиво Мицкоски и странските руски служби. Сѐ друго си е потаман.

За таа лажна вест да се наметне како гола вистина, одредени провладини колумнисти секојдневно објавуваа колумни. Балзак и Достоевски да беа заедно, па нема да можеа да го издржат тоа темпо на пишување и инспиративност. Иако содржински најчесто бесмислени, тие гебелсовски повторуваа лаги и етикетираа луѓе со кои се неистомисленици. Некои и самите со скромно образование (едвам завршено средно), како узурпатори на цивилниот сектор, се дрзнаа да прогласуваат универзитетски професори за полуписмени (патем, не разликувајќи што е доцент, а што професор), автори со највисоко академско звање, исто така ги нарекуваа за неписмени колумнисти, само затоа што јавно ги застапуваа своите принципи и желби за правда и правичност. Би било интересно, при првта наредна промена на власт, јавноста да дознае дали бројните колумни и критики за Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ биле платени од буџетот, со средствата предвидени за пропаганда на референдумот.

Камшик бараше – камшик доби

Очигледно е дека Заев и ова раководство на СДСМ пред референдумот ги потценија независните и слободомислечките граѓани или недоволно ги познаваа. Живееа во илузија колку и да направат грешки дека тоа од гласачите ќе им биде простено. Како да не им е јасно дека после груевизмот, во гласачкото тело се издеференцирал еден дел кој е доволно демократски свесен, политички едуциран, со усвоени европски вредности, поради што повеќе на никој политичар не му дава бланко доверба. Тие се дел од гласачкото тело кое во иднина со своето излегување или апстиненција ќе го одредуваат победникот. Јасно е дека повеќе ниедна партија не ќе може да ја проектира својата победа само врз основа на гласовите на членството и симпатизерите туку ќе мораат да ги придобијат и овие гласачи.

Флуктуирачката неутрална јавност, која ги носи одлуките врз основа на своите демократски убедувања и морален вредносен систем беше таа која го казни Заев на овој референдум исто како што го награди во изборниот судир со Груевски. А, можеби, малку требаше за Заев повторно да ги придобие. Наместо со триумфализам да ја води референдумската кампања како голема победа за Македонија, требаше да примени реалистичен пристап дека промената на името е нужно зло, кое мораме да го прифатиме за поголемо добро – осигурување на безбедноста на државата преку членство во НАТО. Отсуството на искреност, заедно со манипулативното прашање како навреда на интелегенцијата на граѓаните и лошиот минат труд на работата на Владата, не можеа да доведат до ништо друго освен до ваков неславен завршеток на референдумскиот ден. Верувањата дека граѓаните ќе знаат да направат разлика помеѓу незадоволството од работата на Владата и историската важност на Спогодбата се покажаа за погрешни. Тие сакаа да го казнат Заев затоа што тој претходно не ги казнуваше своите соработници. Побара камшик – и камшик доби. Звучи ирационално, деструктивно, мазохистички? Да – но тоа ни е реалноста која морала да се согледа пред да се влегло во целиот процес.

Тргната ли е колата низ удолница?

И сега, на ден-два по суровото будење, повторно, без поткрепа, оптимистички предвидувања дека на вонредните избори СДСМ ќе го згазело ВМРО-ДПМНЕ. Исти автори-аналитичари убедуваат во победа, како што убедуваа дека За ќе го победи Бојкотирам. Но, што ако вонредните избори бидат на штета на СДСМ, и неочекувано доведат до изборна рехабилитација на ВМРО-ДПМНЕ? Дали некој гледа дека колата на Заев е тргната низ удолница и може да заврши во ендек? Штом гласачкото тело еднаш ќе се прекрши тогаш поправање на штетата нема. Носен од еуфоричниот триумфализам од неуспехот на референдумот, тој успех на свое конто на изборите ќе го капитализира Мицковски. Да, истиот оној Мицковски кого го потценувавте, мајтапевте, му се смеевте. По вонредните избори тој ќе се факторизира зашто обичните луѓе секогаш се на страната на послабиот, на жртвата. А, тоа го направивте Мицковски со црната кампања која ја водевте за цело време од референдумскиот процес. Доколку до тоа дојде, Господ нека ѝ е на помош на Македонија и на нејзините граѓани кои ќе мораат повторно да патат во не дегруевизираната држава. Најмногу по заслуга на Зоран Заев.

Во предвечерјето на референдумот, Заев за да ја санира штетата одби да жртвува кралица за да добие партија, со несменувањето на ниеден компромитиран соработник во бројните афери. Сега, за да спаси што може да се спаси, можеби би требал да размислува и малку самокртично: дали како политичар својот зенит не го достигнал како опозиционен лидер во обзнанувањето на бомбите и дека нема капацитет да биде толку успешен премиер како што беше успешен опозиционер? Партијата СДСМ, пред евентуалните вонредни избори, не е лошо да ја проучи малку и политичката биографија на Винстон Черчил, кој откако победнички ја водел Велика Британија во војната проитв нацистичка Германија, на првите поствоени избори во 1945 година доживеал пораз. Тогаш британските гласачи му порачале – добар нѝ беше во војната, но сега е друго време и во мирот сакаме да нѐ води нов лидер.

Затоа, излезноста од 36,9 проценти на референдумот можеби има и симболична порака до Заев – за медицината тоа е последната нормална телесна температура пред да се алармира дека во оранизмот се случува нешто нездраво и болеста ви е на праг. Здравствената култура налага да превземете превентивни мерки.

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Николоски: Во следните две недели ќе продолжиме да работиме уште поинтензивно за уште поголема победа

ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, Македонија повторно ќе биде горда и твоја

Горан Наумовски

Мицкоски: Мислеа дека си имаат работа со мали деца, победуваме со повеќе од 170.000 гласови разлика

Орце Костов

Пендаровски: Резултатите не се како што очекувавме, веројатно разликата ќе биде околу 130 илјади гласови

Александар Тодески

Се слави пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

(ВИДЕО) Кузеска: Ги очекуваме резултатите, уверени сме дека граѓаните ќе ја поддржат европската иднина

Александар Тодески