Милионски суми од тендери само од Општина Тетово завршиле кај „Еко-Пеу“, тетовска фирма која и покрај тоа што има само еден вработен, во 2023 година добила 9 тендери во вкупна вредност од 981.427 евра. А1он истражуваше, која е компанијата „Еко-Пеу“, која добива тендери исклучиво од општината која ја раководи претседателот на Беса, Билал Касами.
Фирмата е отворена во мај 2021 година, пет месеци пред локалните избори на кои Касами ја доби довербата од тетовци. Целосниот назив на компанијата е „Друштво за туризам угостителство и услуги Еко-Пеу ДООЕЛ Тетово“, но и покрај тоа, добива најразлични тендери – од тековно одржување, до изградба на обиколницата од с.Лисец до Попова Шапка. Сите овие најразлични тендери, „Еко-Пеу“ ги добива иако покрај зголемените приходи, останува со само еден вработен.
Сопственик е Хабибе Бајрами, која фирмата ја основала под дејноста „Одмаралишта и останати објекти за пократок престој“. На почетокот на 2023 година, дејноста се менува во „Услужни дејности поврзани со копнениот превоз“, дејности кои во ниту еден случај не се поврзани со тековно одржување, градежни активности, зимско одржување или приклучоци на водовод, тендери кои ги имаат добиено во општината.
Во тендерите кои учествува фирмата на Бајрами, Општина Тетово одлучила да не се бараат финансиски извештаи, ниту пак референтни проекти, иако фирмата во 2021 година, кога е основана, работела со загуба. Приходите на фирмата во 2022 година драстично се зголемиле – од загубата од речиси три илјади евра во минус во 2021 година, следната година фирмата имала приходи од 154.180 евра, а годината ја завршила со добивка од 11.351 евра.
Бајрами пак, има адресна поврзаност со над 20 лица, најголемиот број од нив претприемачи – Дел од лицата со кои е на иста адреса отвориле фирми пред помалку од една година, додека пак дел имаат фирми од претходно, како на пример Карате клуб Кхалид, отворен од неколкумина пријавени на истата адреса.
А1он испрати прашања во Општина Тетово, како паднал изборот на оваа фирма отворена во 2021 година да гради обиколница, но и да извршува и други работи, со оглед дека има само едно вработено лице, но одговори не добивме.
Во мрежата на сопствеништво кое е роднински поврзано има уште две фирми – „Ереу Транс“, отворена само 17 дена подоцна од „Еко-Пеу“, но и фирмата „Мујо-Бајрами“, единствената која датира од 2011 година, сите на фамилијата Бајрами.
И „Ереу Транс“, фирмата сопственост на Џарие Бајрами со дејност „Подготвнителни работи за градилиште“ има еден вработен и има добиено тендери само од Општина Тетово, за изградби на улици, пополнување дупки на улици, но и градежни работи и инсталатерски работи за завршување на спортска сала. Трите тендери од минатата година, на оваа нова фирма и донеле речиси 1,5 милиони евра.
Единствена од трите фирми, „Мујо-Бајрами“ во сопственост на Ѓемаљ Бајрами не добила тендер во 2023 година. Но, за оваа фирма имало тендери во 2022 година, кога немало за другите двe компании.
Фирмата инкасирала 422.549 евра таа година, а во 2023 година, тендерите кои ги добивала оваа фирма – Изградба и реконструкција на осветлување, но и пополнување на дупки во општината се поделени на двете новоотворени компании кои имаат по еден вработен. И додека се распишуваат тендери за пополнување на дупки на улиците, делата од овие тендери не се гледаат, бидејќи речиси и да нема улица во Тетово која не е со дупки.
За овие фирми, тендерски одлично е започната и 2024 година. „Еко-Пеу“ веќе ги добила тендерите за поставување на семафори и знаци во Тетово, но и набавка на сол и песок, а „Ереу Транс“ пак, добила тендери за Одржување и заштита на улици. Тендерот за поставување семафори и знаци, кој е во рацете на „Еко-Пеу“, бил поништен на 12 декември, малку повеќе од еден месец пред да го добие фирмата на Бајрами.