Имот во Скопје, Демир Хисар, Делчево, Битола сопственост на фирмата „Кара ДООЕЛ Скопје“ и готови парични средства на „Орка Холдинг“ се гаранцијата дека бизнисменот Орце Камчев нема да избега со излегувањето од притвор. Врз имотот е ставена хипотека, додека пак, парите се заложени, а ќе бидат одземени ако бизнисменот Камчев не дојде на рочиште за предметот „Плацови на Водно“, побегне, го повтори или го доврши кривичното дело за кое се гони. Целата гаранција е вредна 10.996.453 евра.
Првата недвижност запишана како гаранција е лоцирана во Демир Хисар. Вредноста е скоро 1.4 милион евра. Според решението на Апелација, станува збор објект од лесна и незагадувачка индустрија со голема од над 2700 метри квадратни, градежно изградено земјиште од над 3500 метри квадратни и вештачко неплодно земјиште од над 1900 метри квадратни.
И на земјиште во скопската населба Илинден е впишана хипотека. Сопственик е истата фирма, а е со вредност 2.5 милиони евра. Станува збор за објект од 4.000 метри квадратни, дворно место од над 3.000 квадрати, земјиште под зграда со големина од над 2800 квадрати.
Во Скопје, има уште едно земјиште со хипотека како гаранција за Камчев, кое се наоѓа во Нерези. Според решението на Апелација, станува збор за пасиште од над 4000 метри квадратни. Вредноста на овој имот е над 1.3 милиони евра.
Сличен имот како во Демир Хисар, фирмата „Кара ДООЕЛ“ од Скопје има и во Делчево. Па така, во гаранцијата се впишува уште еден објект од лесна и незагадувачка индустрија од скоро 4.000 метри квадратни. Во истата општина, фирмата гарантира и со градежно изградено земјиште од над 6.000 метри квадратни. Вредноста на овој имот е над 2,1 милион евра.
Во Битола, според запишаната хипотека, се гарантира со мали комерцијални деловни објекти, означени како „објект 1“ и „објект 2“ со вкупна површина од 892 метри квадратни. Вкупната вредност и на овој имот е над 1.1 милиони евра.
Со оваа гаранција, Камчев успеа да добие согласност од второстепените судии Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски и Енвер Беџети, да се брани од слобода. Тој беше пуштен од затворот „Скопје“ во Шутка пред празникот Божиќ. Сега, тој треба секој прв понеделник во месецот да се јавува во Кривичниот суд, а и натаму останува без македонскиот и бугарскиот пасош.