Јово Вангеловски: Не го укинуваме притворот за Кочан, судот не требало да одреди притвор

Од:

„Ние не го укинуваме притворот за Сеад Кочан, туку ја цениме законитоста на одлуките на пониските судови“, изјави за Дојче веле претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Вангеловски за Дојче Веле децидно тврди дека има повеќе повреди на законитоста, меѓу кои две посуштествени.

„При барање на мерка притвор, еден од предусловите е да се достави доказ за основите на сомневање дека е сторено кривично дело. Во случајов, од страна на СЈО не е доставен таков доказ, а Судот направил повреда на законот кога без доставен доказ одредил мерка притвор“, изјави Вангеловски.

Тој потенцира дека треба да се има предвид и дека судија на претходна постапка првично го одбил барањето за мерка притвор. На таквото решение СЈО тогаш вложи жалба, која потоа Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифати, оценувајќи дека се исполнети сите услови за одредување притвор и донесе наредба за приведување на осомничениот. Според Вангеловски, при таа одлука била направена втората посуштествена повреда на законитоста.

„Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, дал правна поука дека жалбата на ваквото решение не го одложува нејзиното извршување. Тоа не е точно. Со првото поднесување жалба на решението, се одлага извршувањето на тоа решение. Тоа е јасно пропишано во членот 442 од Законот за кривична постапка. Според тоа, судот не требало веднаш да одреди притвор, ниту да бара да се распише потерница“, вели Вангеловски.

Укинувањето на одлуките на пониските судови, со кои се укинува и притворот за Кочан, доаѓа по неколку дена откако Кривичниот суд по барање на СЈО го замрзна имотот и три сметки на сопственикот на „Трансмет“. Сега предметот се враќа на повторно одлучување во Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1, кој ќе треба да донесе одлука дали на Кочан повторно ќе му одреди мерка притвор или ќе остане на слобода. Врховниот суд преку официјално соопштение денеска треба да го објави целосното образложение за донесената одлука.

Сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, е во бегство два месеца. СЈО во предметот „Труст“ го сомничи дека во 2011 година на тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаловина доставил фалсификувани документи за наводна техничка и кадровска опременост на неговата компанија и на тој начин заедно со уште две фирми незаконски наплатил 17,2 милиони евра.

Би можело да ве интересира

Ахмети на распит во Oбвинителството за организиран криминал и корупција

Ана Ололовска

ДЗР: Во СЈО незаконски си поделиле бонуси од 4.6 милиони евра

Ана Ололовска

Врховен му ја потврди 4,8-годишната казна на Сеад Кочан за „Труст“

Кристијан Ландов

Врховен суд ја преиначи пресудата за сообраќајката кај Универзална сала пред пет години

Ана Ололовска

Поранешни вработени во СЈО бараат извинување од Пендаровски за говорот по повод Илинден

А1он

СЈО замина во историјата, предметите во рацете на Јавното обвинителство за организиран криминал

Ана Ололовска