Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева по денешната трета аудио снимка изнесена од „Ла Верита“ вели дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во СЈО повеќепати комуницирала со разни лица за наводно издејствување подобри позиции во кривичните предмети. Јанева тврди дека нејзината комуникација со бизнисменот Камчев е со цел да стане соработник во истрага за нов предмет.
-Во врска со денешните снимени разговори презентирани на порталите, повторувам дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во Jавното обвинителство кое го водам, повеќе пати сум разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа често се случуваше да се одвива преку од нив назначени посредници.
Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители, вели Јанева.
Обвинителката ги повикува истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на нејзиното име.
Јанева не објаснува зошто и со која причина посредник во разговорите е Бојан Јовановски кој беше снимен како зема еден милион евра рекет од бизнисменот и осомничен во „Империја“, Орце Камчев. Специјалната јавна обвинителка во оставка не објаснува и зошто на осомничениот преку телефонот на Бојан Јовановски му кажува дека обвинителката во „Империја“, Лиле Стефанова без неа не може ништо да направи во предметот.