(ВИДЕО) Јанакиески: Решението за притвор содржи низа пропусти, службената белешка поради која ме притворија е фиктивна

Од:

Во скопска Апелација се одржа јавна седница по жалбата за притворот на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Пред тричлениот судски совет, Јанакиески во присуство на четворица адвокати, со треперлив глас рече дека решението за притвор содржи низа пропусти, а прекршени се членови на Законот за судови, Законот за кривична постапка и Законот за класифицирани информации, и повеќе членови на Европската конвенција за човекови права, а постапено е и спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права.

Јанакиески рече дека една година и 4 месеци редовно се јавувал во судот и воопшто нема констатација дека ги прекршил овие законски мерки. „Неспорен е фактот дека не сум отсуствувал од ниту едно закажано рочиште за да може да се смета дека ги одбегнувам или оневозможувам судските постапки. Посебно треба да се има во предвид дека во повеќе од 15 работни дена секој месец сум присутен во судските згради на судски рочишта по повеќе часови“, рече Јанакиески.

Според него, содржината на решението за притвор во најголема мера е базирано врз база на, како што рече, фиктивна службена белешка од УБК на МВР, која е класифицирана. Тој рече дека Законот за класифицирани информации нема можност за споделување на содржина на строго доверлив документ во судско решение. Кривичниот совет, според Јанакиески, можел само да го цитира деловодниот број на белешката во решението, со вакво постапување, го прекршил Законот за класифицирани информации.

Јанакиески смета дека со решението за притвор прекршен е и Законот за кривичната постапка. Тој рече дека судијата кој активно учествувал во главните расправи по предметот познат во јавноста како „Титаник“, истиот одлучил по предлогот на СЈО за притвор. Во истиот предмет, вели Јанакиески, судијата согласно закон не смеел да одлучува и морал да се иземе, но истото не е направено и прекршен е Законот за кривичната постапка.

„Со начинот на носењето на решението за притвор прекршен е и Законот за кривичната постапка. Имено, судија кој активно учествува во главните расправи по предметот познат во јавноста како „Титаник“, истиот одлучил по предлогот на СЈО за притвор. Во истиот предмет судијата согласно закон не смеел да одлучува и морал да се иземе, но истото не е направено и прекршен е Законот за кривичната постапка“, рече ексминистерот пред судиите.

За белешката од УБК, Јанакиески рече дека е фиктивна: „Не е наведено во кои денови, каде и во колку часот биле остварени средбите помеѓу мене и посредникот. Нема податок за датумот, времето и местото кога е остварена средбата помеѓу посредникот и претседателот, во Решението не е презентирано дали СЈО или кривичниот совет направиле проверка со Кабинетот на претседателот Иванов дали таква средба воопшто била одржана, која била темата, но и нивото на доверливост на изворот, кога веќе белешката не е доставена во прилог на решението, па ниту јас, ниту мојата одбрана ја имаме на увид; Одбраната и јас немаме податок дали некој орган ги проверил безбедносните камери и дали добиле информација од припадниците на МВР кои го евидентираат секој посетител, со цел да потврдат дали имало средба со посредникот и pретседателот Иванов“, рече Јанакиески.

Тој рече дека последната средба со Иванов ја остварил на 13 ноември во 16 часот со времетраење од 90 минути, кога покрај него присуствувале уште 2 лица. Едно од нив било претставник од претседателскиот кабинет, преку кого била организирана средбата. Темата на оваа средба воопшто не била амнестијата, туку Јанакиески го информирал Иванов за иницијатива поврзана со актуелната политичка состојба во Македонија.

Ексминистерот вели дека во белешката каде е наведено дека на посредникот му нагласил дека поседува банкарски сметки во странство, за тоа не е доставен ниту еден материјален доказ. „Се поставува прашањето како и покрај тоа што СЈО подолго време заедно со повеќе институции ја проверува мојата финансиска состојба, само во 1 ден поверува само врз база на една белешка, дека јас поседувам сметки во странство. Исто така, не е наведено кога, во која земја и во кои банки се отворени овие сметки“, рече Јанакиески.

Тој рече дека испратил допис до СЈО и кривичниот совет каде ги информирал дека доколку достават докази дека поседува макар една сметка во странство и овој наод биде потврден од релевантни институции, спремен е итно да се спогоди за сите судски предмети кои ги води СЈО, па макар тоа би било и доживотна казна затвор.

„На ден 12 и 13 ноември 2018 година, по сознанието дека Никола Груевски е во бегство, владини функционери, но и претставници на СЈО, на гостување на повеќе телевизии или јавни изјави, јавно говореа за можноста, но и потребата повеќе поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ да добијат притвор. Исто така, беа спомнати и конкретни имиња, помеѓу кои беше и моето име. По ваквите настапи и изјави, најпрво преку пораки, а потоа и телефонски остварив контакти со високи претставници на Владата на Република Македонија“, рече Јанакиески пред судиите во скопска Апелација.

„Во телефонските разговори укажав дека Миле Јанакиески и Никола Груевски не се иста личност и дека не треба да бидам казнет и жртвуван заради неговите постапки. Разговорите беа добронамерни, со размена на факти и аргументи, но исто така јасно и недвосмислено истакнав дека ниту сум планирал, ниту ќе се дадам во бегство. Истиот ден, за на 14.11.2018 година закажав гостување на една телевизија“, рече поранешниот министер за транспорт и врски.

На Јанакиески му беше определен притвор пред речиси две недели за предметот „Титаник“ во кој е обвинет за изборни измами.

Судницата беше полна со роднини на Јанакиески, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. На судското рочиште беше присутна неговата сопруга, а во судот дојдоа и ексминистерот Спиро Ристовски и поранешната заменичка на министерот за правда, Билјана Бришкоска Бошковски.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

Орце Костов

Притвор за двајцата приведени за убиството на лекарот во Железара

Анита Петровска Рајковиќ

Таткото на Вања останува во притвор – Врховен му ја одби жалбата

Притвор за осомничен кој во повеќе наврати силувал 14-годишна девојка во Битола

Орце Костов

Кривичен го препрати предметот против Мерко во струшкиот суд: Не биле надлежни тие, туку судот во чие подрачје се извршило делото

Таткото на Вања бара да биде пуштен од притвор – Фетаи е против, Апелација одлучува