На претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, не и е јасно зошто министерот за правда Никола Тупанчески беше шокиран од посочувањето сам да каже кој ги платил трошоците за неговото патување во Палермо, Италија. Таа во изјава за „А1он“ вели дека ДКСК веќе ги разгледува сите правни акти за да се види дали Тупанчески, обвинителката Фатиме Фетаи и судскиот претседател Лазар Нанев постапиле согласно нив. Ивановска ги повика и институциите да ги проверат етичките кодекси и да утврдат дали има нивни прекршувања.
„Јас не знам зошто се шокира, бидејќи Законот за спречување корупција и судир на интереси нас ни дозволува да поставуваме прашања кои што се поврзани со начелото на интегритет на службените лица, кое меѓудругото опфаќа етички норми, одговорно и транспарентно работење и однесување, потенцијален судир на интереси. Ние дадовме одговор на новинарско прашање кое гласеше: ‘дали е во ред тие да патуваат бесплатно’; ние рековме: сами нека си кажат кој ги подморил патните трошоци. Јас не можам да зборувам во име на министерот кој го платил патот или во име на обвинителката. Секој треба сам да си каже. Тоа беше нашата порака. Дека ние не можеме во друго име да даваме одговори“, вели Ивановска за „А1он“.
Според неа, Владата на РСМ, Републичкиот судски совет, Советот на јавни обвинители треба сами да утврдат дали се прекршени начела во рамките на нивните институции.
„Од една страна Комисијата ќе ги разгледа сите правни акти. Има закони, правилници, уредби кои го уредуваат делот на подароци, со цел да утврди дали овие лица постапиле во согласност со овие правни акти. Тоа е од наш аспект. Со оглед на тоа што прашањата се поврзани со етика, етичко однесување, интегритет но и потенцијален суверенитет на службените лица, затоа ДКСК ги повика надлежните институции, а тоа се Владата на РСМ, Републичкиот судски совет, Советот на јавни обвинители, да утврдат дали има прекршувања во рамките на нивните етички кодекси. Сите тие си имаат етички кодекси и лица кои што треба да се грижат за спроведување на тие етички кодекси. Тие во нивни рамки, ние во наш аспект ќе го разгледаме прашањето дали овие лица постапиле во согласност со правните акти кои ја регулираат оваа проблематика околу подароците“, рече Ивановска за „А1он“.
Инаку, патувањето со чартер летот во Палермо, Италија на министерот Тупанчески, обвинителката Фетаи и судскиот претседател Нанев било на сметка на ФФМ. Тие беа во ВИП ложата, за која исто така, неофицијално, ФФМ им дала карти. Фетаи е единствената која излезе јавно со уплатници за да докаже дека сама си ги подмирила трошоците за сместување преку туристичка агенција. Другите, не се достапни за јавноста и не приложија документ.