Антикорупциска оформи предмет – Истражува судир на интереси во случајот Фокуснет против Македонски Телеком

Од:

Случајот Фокуснет – Македонски Телеком веќе 24 години е заглавен во македонските судски лавиринти, а членот на Судскиот совет на Македонија, Тања Чачарова Илиевска, која одлучувала за овој случај претходно имала остварено професионална поврзаност со Македонски Телеком АД Скопје. Таа во компанијата делувала како овластен претставник на Владата во Акционерското Собрание на Македонски Телеком.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформила предмет за утврдување евентуално постоење судир на интереси во однос на Тања Чачарова Илиевска, член на Судскиот совет на Република Македонија. Постапувањето по предметот е во тек.

Ова за Нетпрес го соопштија од ДКСК.

Во врска со случајот Фокуснет – Македонски Телеком, кој 24 години е заглавен во македонските судски лавиринти, е поднесена пријава до Државната комисија за спречување корупција од штипската фирма Фокуснет ДОО Штип за постоење на судир на интереси согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси против членот на Судскиот совет на Македонија, Тања Чачарова Илиевска. Во пријавата се наведува дека пред Основниот граѓански суд во Скопје се водела постапка (ТС-624/14) за надомест на штета, каде што како тужител се јавува Фокуснет, а како тужен Македонски Телеком. Судскиот процес пред Првостепениот суд завршиласо пресуда со која се одбива тужбеното барање на Фокуснет.

Потоа постапката продолжува пред Апелацискиот суд (ТСЖ-1136/23). На 5 август 2024 година Судскиот совет формира работна група за констатирање на состојбата по предметот ТСЖ-1136/23, која ја сочинуваат Антоанета Димовска, Исамедин Лимани и Тања Чачарова Илиевска.

Работната група сочинува извештај и на 5 септември 2024 година го доставува на седница на Судскиот совет.

Во пријавата се забележува дека членот на работната група на Судскиот совет, Тања Чачарова Илиевска, пред да биде именувана за член на Судскиот совет, имала остварено професионална поврзаност со Македонски Телеком АД Скопје. Таа во Македонски Телеком делувала како овластен претставник на Владата во Акционерското Собрание на Македонски Телеком. Притоа се наведува дека оваа функција ја извршувала до нејзиното именување за член на Судскиот совет во 2021 година.

Во пријавата се укажува дека и покрај причините за нејзино изземање и запирање на нејзиното постапување, таа не побарала од Судскиот совет да биде изземена, туку продолжила да постапува по предметот и покрај околностите кои укажуваат на постоење на потенцијален судир на интереси. Со тоа, се наведува во пријавата, сторила повреда на Законот за судски совет и на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Нејзиното продолжување со работа на овој предмет, смета подносителот на пријавата, создава сомнеж за законитоста на целата постапка која се води пред Судскиот совет токму по претставка на Македонки Телеком против судиите кои одлучувале.

Според Нетпрес, пријавеното лице Тања Чачарова Илиевска не само што учествувала во работната група за констатирање на состојба по предметот, туку по сопствена иницијатива иницирала постапка пред Судскиот совет и против останатите две судијки кои постапувале во предметот, Розе Георгиева и Јетмире Ајдини Бошњаку, истакнуваат од штипски Фокуснет во пријавата до ДКСК.

Од Фокуснет посочуваат дека Чачарова Илиевска била најгласна на седницата на Судскиот совет на која е усвоен извештајот на работната група за тоа дека во предметот се сторени флагрантни повреди.

„Однапред ги осуди судиите и навлезе во наводи кои може да бидат предмет на ревизиски одлука пред Врховниот суд. Сето ова за да му помогне на Македонски Телеком во тоа да се компромитираат судиите за наводни повреди и незаконска одлука, а со самото тоа Врховниот суд да ја уважи ревизијата на Македонки Телеком АД Скопје. Токму пријавената истакнуваше наводи кои немаат врска со суштината на предметот, како некои спогодби се нашле во предметот, кои спогодби покажуваат дека Македонски Телеком за иста правна работа обештетил вонсудски други оператори. Наместо да праша дали ваквите спогодби се вистините или фалсификат, таа шири хистерија во судскиот совет дека судиите се пристрасни во корист на тужителот. Срамно и тажно за член на Судскиот совет!“, се наведува во пријавата до ДКСК.

Понатаму, се изразува загриженост од влијание на одредени лоби-групи и можни обиди за притисок врз судските одлуки, затоа, сметаат од Фокуснет, дополнително се засилува потребата од изземање на пријавената од постапувањето во вакви случаи.

„Објективноста и непристрасноста на членовите на Судскиот совет е од клучно значење за судството, а доколку пријавената продолжи да учествува во одлучувањето на предмети кои се однесуваат на Македонски Телеком АД Скопје, постои реална опасност од пристрасност и намерно или ненамерно фаворизирање на интересите на оваа компанија“, се посочува во пријавата.

Фокуснет од ДКСК бара да се преземат сите законски дејствија. Откако ќе се констатира повреда на законот, Комисијата да побара од Собранието на Македонија да ја разреши од Судскиот совет. Иако подносителот на пријавата апелира на итност во постапувањето на ДКСК, со цел да се спречи нечија положба за остварување на лични интереси, до ден-денес нема конечна одлука од Антикорупциската комисија.

Нетпрес се обрати до ДКСК дали е постапувано по оваа пријава и каков заклучок е донесено, и ако не е постапувано, зошто тоа не е направено до сега.

„Во врска со Вашето прашање, Државната комисија за спречување на корупцијата Ве известува дека по посочената пријава е оформен предмет за утврдување евентуално постоење судир на интереси во однос на Тања Чачарова Илиевска, член на Судскиот совет на Република Македонија. Постапувањето по предметот е во тек. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК“, пишува во одговорот од Државна комисија за спречување на корупцијата.

Би можело да ве интересира

Герапетритис: Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области

Горан Наумовски

Приведено 87-годишно лице кое возеше во спротивна насока на булеварот Партизански одреди

Ристовски: Понудивме конкретен план и решение за проблемот со добитокот во Крива Паланка, градоначалникот Митовски го одби

Клековски: Ако сѐ биде во ред, есента 2027 ќе продолжиме со изградбата на клиничката болница – Штип

Протест во  Крива Паланка, Митовски порача: Одиме до крај — додека не се спроведе законот и последното грло добиток не биде изнесено од градот

Спортска сала, мамограф и патни инвестиции – премиерот Мицкоски најави нови проекти за Делчево и регионот