Со 56 гласа „за“ и еден „против“, Собранието денеска за нов член на Државната комисија за спречување на корупцијата ја избра Катерина Зајковска Скопје, дипломиран економист и магистер по сметководство, финансии и ревизија.
Испразнетото место во ДКСК беше по оставката на Цвета Ристовска, откако се утврди дека иако во анкетниот лист пријавила дека нејзините синови имаат фирми, таа не пријавила дека една од фирмите учествувала во изборната кампања на Гордана Сиљановска-Давкова.
Собранието ја почна општата расправа по Предлог на одлуката за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека од она што е напишано во објавите на предложениот кандидат, произлегува дека е навистина лицемерно и парадоксално за член на оваа Комисија да се предлага човек што додека зборува за личен интегритет објавува текстови со кои повикува на отфрлање и осуда на ЛГБТ заедницата и правата на жените.
– Ова е трет обид да се избере член на оваа Комисија, меѓутоа ниту третиот обид не помина без реакција. Предложениот кандидат предизвика лавина реакции. Предложениот кандидат ги негира сите до една маргинализирани заедници, ги негира нивните права и слободи и ги обвинува за тоа што не се вклопуваат во неговата идилична пронатаниелна утопија. И покрај тоа што кандидатот живее во држава која е трета во Европа по случајот на фемициди, за овој кандидат феминизмот и борбата за заштита на жените е поместување од природноста на човекот. И затоа не само што овие ставови отвораат сомневање за неговото разбирање на човековите права и слободи, туку тие директно влијаат на неговата подобност да биде член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и да постапува со интегритет, непристрасно и објективно. Повикувам уште еднаш на добро размислување дали овој кандидат треба да се поддржи – рече Костадиновска-Стојчевска.
