Италијанецот што ја објави снимката за „Рекет“ во конекција со Иванов и ВМРО-ДПМНЕ

Од:

Ларис Гајсер, авторот на текстот објавен во италијанскиот „Ла Верита“ кој денеска ја објави снимката за случајот „Рекет“ на која се гледа како бизнисменот Орце Камчев им дава пари во кеш на Бојан Јовановски – Боки 13 и на Зоран Милески – Кичеец, очигледно е новинар кој има блиски релации со опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во 2016 година, според неговиот профил на Фејсбук, тој бил во посета на земјава – фотографиран е со тогашниот претседател Ѓорге Иванов, со косовскиот претседател Хашим Тачи и со Андреј Лепавцов, поранешен амбасадор во ЕУ. Исто како и Лепавцов, и Гајсер во својата биографија има наведено дека бил член на претседателството на меѓународната организација Паневропска унија.

Судејќи по тоа какви текстови објавува и споделува, очигледно е дека Гајсер има релации и интерес за Македонија – на својот профил на „Фејсбук“ тој најчесто споделува вести од два портали – „Република“ и „Експрес“, двата блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Токму Експрес.мк прв ги објави аудио снимките поврзани со генералниот секретар на Владата Драги Рашковски како договара спорен тендер вреден седум милиони евра со италијанска компанија. За истото, подоцна објавува Гајсер во „Ла Верита“, што значи дека ова се втори аудио и видео снимки што ги објавува Гајсер во весникот, а се поврзани со Македонија.

Во биографијата во „Ла верита“ за Гајсер пишува дека тој е роден во Словенија, член е на тимот на приватниот Католички универзитет во Милано, предавач на Универзитетот во Џорџија, САД и Диплиматската академија во Виена, и е владин и бизнис консултант.

Неговото име може да се најде и на „Википедија“ каде што стои дека 42-годишниот Гајсер е словенечки геополитички аналитичар, менаџер и економски консултант.

Тој има диплома за геополитичка економија од Универзитетот во Верона и магистерска диплома по меѓународни односи и дипломатија од Институтот за меѓународни студии во Милано.

Од 2012 до 2014 година тој бил и советник на стратешкиот совет на министерот за надворешни работи на Словенија, а во „Википедија“ се споменува како колумнист во различни медиуми.

Во изјава за „А1он“ Гајсер тврди дека не може да даде интервју бидејќи е подобро да се почекаат текстовите што ги најавува за наредните денови. На нашето прашање кои се неговите релации со Македонија и зошто бил во посета на земјава, тој кратко ни напиша:

„Следете ме и ќе останеме во контакт“.

Тој денеска на својот „Фејсбук“ профил најави дека објавените снимки за случајот „Рекет“ се само прв дел „од приказната која докажува како ЕУ, откако поддржа промена на режимот во Македoнија со цел да го ограничи нејзиниот суверенитет, успеа да го создаде Специјалното јавно обвинителство (судија Катица Јанева), кое уште од почетокот не само што нелегално се мешаше во политиката туку и рекетира луѓе!“

„Мафијашки систем кој работи под директна контрола на највисоките политичари! На тие политичари барани од ЕУ и Сорос. Македонија има голем проблем на својот пат кон ЕУ … самата ЕУ! Могерини, Јункер и компанија се виновни за понишување на целата нација и за отворена поддршка на сè што е против нормалното владеење на правото, владеење за кое божем се залага Брисел!“, пишува на Фејсбук Гајсер и најавува дека во следниве неколку дена ќе објави „шокантни документи за кои искрено се надевам дека ќе помогнат Македонија да си го најде патот кон функционална демократија“, напиша тој.

„Ла Верита“ е италијански весник со седиште во Милано. Излегува на пазарот во септември 2016 година. Основан е од новинарот Маурицио Белпиетро, кој е главен и одговорен уредник на медиумот. Под името на секое издание стои девизата „Quid is veritas?“, цитат од Евангелието на Јован од дијалогот меѓу Понтиј Пилат и Исус Христос, што во превод значи „Што е вистината?“.

Од јули 2018 весникот излегува секој ден.

Би можело да ве интересира

Бројот на жртвите од експлозијата во хидроцентралата крај Болоња се зголеми на седум

Девојче од Србија е дрогирано и силувано во Рим

Притворен рекетар од Скопје кој од жртвата барал 180.000 евра

Еден од македонските туристи повредени во сообраќајката во Италија ќе биде опериран, другите се пуштени дома

Александар Тодески

(ВИДЕО) Трагедија во Италија: Возачот на автобусот починал, а 12 македонски туристи се повредени

Орце Костов

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење