ВИДЕО: Закани за бомби во над 300 училишта во Италија, евакуирани илјадици деца

Од:

Најмалку 300 училишта во Италија денеска беа евакуирани откако преку електронска пошта добиле закани дека во нив се поставени бомби. Заканувачки пораки добиле и голем број училишта во Северна Ирска.

Италијанскиот министер за образование, Џузепе Валдитара, изјави дека се претпоставува оти станува збор за лажни закани, но предупреди дека бројот на училиштата што добиле вакви пораки може дополнително да се зголеми.

Едно училиште во Рим ги известило родителите дека сите ученици биле евакуирани на безбедно место и дека се под надзор на наставниците.

„По добиената дојава за бомба, сакаме да ве известиме дека сите ученици се на безбедно и се под надзор на наставниот кадар“, пишувало во пораката испратена до родителите.

Според копија од заканувачката порака до која дошол „Ројтерс“, таа била потпишана со името „Михаил Андропов, лидер на Вилајетот на Мизогинистан“. Истиот потписник претходно презел одговорност и за заканите со бомби испратени во петокот до редакции на медиуми во Ирска и Бугарија.

Во Северна Ирска, образовните власти соопштија дека полицијата не ги смета заканите за веродостојни, поради што на училиштата им било препорачано да продолжат со наставата.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето оцени дека заканите се дел од поширока стратегија за ширење страв и вознемиреност. Тој посочи дека зад ваквите инциденти не мора секогаш да стојат странски држави или непријателски организации, туку и поединци кои сакаат да привлечат внимание.

„Има и луѓе кои бараат внимание и психички нестабилни поединци, кои во вакви моменти едвај чекаат да предизвикаат страв во некој град или регион“, рече Крозето.

Заканите до училиштата се случуваат во период кога низ Европа се регистрирани и други слични инциденти. Во изминатите денови мета на сајбернапади и закани биле супермаркети, крвни банки, системи за контрола на воздушниот сообраќај и телевизиски куќи.

Европските власти изразуваат загриженост дека лажните дојави за бомби и сајбернападите би можеле да бидат дел од координирана кампања на таканаречени хибридни напади, насочени кон нарушување на функционирањето на земјите кои ѝ помагаат на Украина.

За дел од овие активности се обвинува Русија, но Москва негира вмешаност.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Протести во Рим: Демонстрантите фрлаа шишиња кон полицијата, таа возврати со водени топови и солзавец

Полицијата во Рим приведе повеќе од 200 млади лица кои се обидoa да предизвикаат немири

A1on

Џентилони: Европа мора да престане да молчи пред потезите на Трамп

ВИДЕО: Мелони со војска го брани Милано од демонстрантите

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Не можете да ги палите градовите – Мелони по нередите во Милано

Катерина Ѓуровски

Германија, Италија и Белгија бараат право да блокираат прописи на ЕУ