(ИНТЕРВЈУ) Претседателот на ОМД, Колоски за изборите во САД: Резултатите ќе бидат оспорувани, ќе има злоупотреба на системот

Од:

За помалку од 24 часа, во САД треба да се дознае кој ќе биде новиот претседател на државата. На годинешните претседателски избори се пресметува дека досега гласале повеќе од 96 милиони луѓе само преку пошта, што претставува најголем одѕив досега.

Претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), Методија Колоски, во интервјуто за „А1он“ рече дека тој денес ќе го оствари своето право на глас во неговото избирачко место, за разлика од родителите, кои гласале преку пошта.

Причината за досегашниот голем одѕив тој ја гледа во поларизацијата на општеството, особено поради пандемијата на коронавирусот, реакцијата на владите и државите со глобалниот проблем и мерките за заштита од вирусот.

„Не може целата економија да биде заложник на Ковид-19. На изборите во 2016 гласаа 135 милиони Американци, а на овие избори досега 93 милиони само преку пошта. Ќе видиме овие денови колку вкупно ќе бидат“, рече Колоски.

За гласањето преку пошта, Колоски оценува дека е безбедно, но укажува на тоа дека поради огромната милионска бројка на избирачи во САД, тешко е да се организираат избори што ќе траат еден ден.

„САД имаат над 239 милиони избирачи, не е возможно и во нормална ситуација да се организираат избори во текот на еден ден, а камоли за време на Ковид-19. Обично само половина од таа бројка гласаат на избори во САД. 35 држави заедно со Вашингтон овозможија поштенско гласање. Ако избирачот не сака да го прати гласачкото ливче преку пошта, тој може да го достави во гласачка кутија пред гласачкото место, кое е под мониторинг на полицијата во секое време. Гласачките кутии се безбедни и со децении се користени од демократите и републиканците. Ќе има злоупотреба на системот, пребројување, како и барање од судот да ги верификуваа резултатите од двете кампањи. Тука не се сомневам. Не верувам дека ќе има прогласен победник во следните недели. Ќе има многу оспорувања“, вели тој.

Колоски смета дека досегашните анкети што го мереа пулсот на граѓаните во САД во однос на изборите не се пресудни, бидејќи тие се спроведени од медиуми, институции и само дел од популацијата што се зема предвид.

„Не може 1.000 анкетирани да кажат тоа што го мислат 330-350 милиони од популацијата, особено тие неопределени гласачи, кои обично не знаат за кого ќе гласаат до самиот ден на изборите. Во 2016 сите анкети велеа дека Хилари Клинтон ќе добие, но Трамп стана претседател“, смета Колоски.

Запрашан во интервјуто за „А1он“ за стилот на лидерство на сегашниот претседател, Колоски рече дека владењето на Трамп е многу поинакво од претходните претседатели, истакнувајќи дека околу него има помал круг луѓе од доверба и дека претседателот направил големи кадровски промени во својата администрација.

„Трамп воведе нова твитер-политика и медиумите во САД и светот го следат тоа. Трамп очигледно знае како да ги користи социјалните мрежи во прилог на своите интереси и рејтинг. Трамп е шоумен и претседателската фотелја не го промени. Јас сум за членовите на НАТО да плаќаат два отсто од БДП за НАТО, не е Америка должна да плаќа за сите, но на НАТО му треба реформа, а САД не треба да биде во улога на светски полицаец“, рече Колоски.

Според него, голем плус за Трамп е враќањето на американските војници од проблематичните региони во светот. Колоски се надева дека претседателот на САД, доколку биде реизбран, ќе ги повлече и силите од Косово.

Колоски не гледа разлика во надворешната политика на САД кон Балканот, тој смета дека досегашните амбасадори во Македонија, со исклучок на последната амбасадорка, го понижиле народот преку нивното каубојско однесување.

Тој зборуваше и за влијанието на Македонците во САД на годинешните избори.

„Македонската дијаспора има се поголемо влијание на изборите во Америка. Не е случајно што двете кампањи ги таргетираат Македонците, особено во Мичиген, Охајо, Флорида, Аризона и во Пенсилванија. Бајден излезе со изјава по повод празникот Илинден, првпат некој кандидат за претседател да излезе со таква изјава. Вчера видов дека личен пријател на Трамп, кој е свештено лице, имаше видеопорака кон македонската американска заедница. Дефинитивно, можеме да потенцираме Македонците да гласаат и да се инволвираат. Мојот став е – ако си демократ, биди најдобар демократ што можеш да бидеш, исто и ако си републиканец. Имаме двајца македонски кандидати на локалните избори оваа година – Сузи Талевски се бори за член во Советот во Портер Каунти, Индијана, а Џорџ Митрис како кандидат за Конгресот во Рочестер. Сузи е демократ, Џорџ Митрис е републиканец – се надевам дека и двајцата ќе победат. Тоа е во интерес на целата македонска заедница во САД“, објасни Колоски.

Тој додаде дека од 2018 година во САД на високи позиции биле избрани двајца кандидати со македонско потекло – Фил Наумоф, кој е судија во Охајо, и Денис Илич, која вторпат била избрана за претседател на одборот на Универзитетот во Мичиген со освоени над 1,6 милиони гласови.

Како претседател на ОМД, Колоски останува неутрален и не сака јавно да заземе страна во однос на кандидатите.

„ОМД има членови кои се и демократи и републиканци, ќе работам со која било администрација, дали тоа е Трамп или Бајден, во интерес на македонската заедница во САД. Има македонска американска група и за Трамп и за Бајден. И двете групи работат активно за своите кандидати. Имаме и Македонец – Филип Јотевски, кој е во Демократската партија и работи во кампањата на Бајден. Се гордеам со тоа што за разлика од пред речиси 20 години, сега македонската заедница во САД е многу поактивна и повлијателна. Се надевам тоа ќе продолжи и ќе видиме Македонец сенатор, конгресмен или државен секретар“, вели тој.

Колоски во интервјуто за „А1он“ истакна дека пандемијата извршила значителни промени во животите на луѓето, но и во политиката.

„Животот драстично се промени и Американците како и сите други во светот почнаа повеќе да гледат внатре отколку надвор. Првите неколку месеци од пандемијата имаше дисциплина и ред во САД, потоа почнаа протестите по повод убиството на Џорџ Флојд и настанаа големите промени“, рече Колоски и додаде дека изминатите настани, како големите демонстрации организирани од BLM и АНТИФА, антирасистичките протести на дел од Латиноамериканците и Афроамериканците, ќе играат улога врз резултатот, но дека економските политики ќе бидат клучен фактор во одлучувањето кој ќе биде иден претседател.

Би можело да ве интересира

Дијаспората ќе гласа само за претседател, нема доволно пријави за изборите на пратеници

Катерина Ѓуровски

Дијаспората незаинтересирана за гласање во Македонија: Досега пристигнати 209 пријави

Османи: Има паника кај граѓани во дијаспората дека после 12 февруари ќе ги загубат работните места и дозволите за престој

Орце Костов

Де Сантис ја објави својата кандидатура, ривал му е Трамп за иден претседателски кандидат

Горан Наумовски

Успешните од дијаспората да напишат мотивациско писмо зошто сакаат брза лента на аеродромите – Османи повторно дели МКарта

Орце Костов

Македонската дијаспора од ЕУ во 2021 година во Македонија испратила 325 милиони евра

Горан Наумовски