Унапредување, заштита, целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на децата со посебни потреби, достапност до физичка, социјална, економска и културна околина, до здравство, образование и информации. Ова се целите на националниот семинар „Децата со попреченост низ лупата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост“.
Организатор е Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ), Европскиот форум за попреченост (ЕДФ) и УНИЦЕФ. Семинарот е во рамки на проектот „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“ финансиран од ЕУ и кофинансиран и имплементиран од УНИЦЕФ, заедно со ЕДФ.
Mинистерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими истакна дека Република Македонија е заинтересирана овие лица да бидат интегрирани, а не дискриминирани. Основната цел, како што рече, е овие лица да се чувствуваат дека општеството им придава значење и тие треба да се интегрирани насекаде, во градинките, во училиштата, на работните места…
– Министерството за труд и социјална политика воведе низа мерки за помош на тие лица. Во 32 дневни центри секојдневно по 500 деца поминуваат заедно. Надоместокот за овие лица го зголемивме за 25 отсто и сега изнесува околу 5.541 денар. 7261 корисник имаме на право на парачен надоместок на лица со попреченост и 180 користат за деца со аутизам, рече Ибрахими.
Под Министерството за труд и социјална политика, во процесот на деинституционализација се отворени и функционираат 16 станбени единици за самостојно живеење со поддршка на лица со интелектуална попреченост во кои се згрижени 76 лица со умерена и тешка интелектуална попреченост.
Народниот правобранител Иџет Мемети потенцира дека на оваа категорија деца не им се потребни само наши заложби туку, како што рече, им треба создавање реални услови за тие, како сите други, да имаат можност и пристап за остварување на нивните права од секаков аспект, образование, здравствена заштита…
– Сме имале преставки од граѓани, а мал е бројот на деца кои имаат попреченост да бараат заштита од наша страна. Мал е или симболичен бројот на родители кои бараат заштита за нивните деца, а поголем е бројот на возрасни. Нивните основни барања се: пристап до институциите, образование, здравствени услуги, рече Мемети.
Џон Патрик Кларк од Европскиот форум на лица со посебни потреби и соопшти дека во Македонија постојат голем број иницијативи за итегрирање на децата со посебни потреби и воопшто за овие лица.
– Македонија прави многу добри напори и активности кои одат во насока на интеграција на овие лица за да не бидат сегрегирани. Македонија се движи во насока на целосно исполнување на нејзините обврски согласно Конвенцијата на ОН за целосно интегрирање на овие лица во редовните текови на општеството за и тие да станат негов сосатвен дел, изјави Кларк.
Заменик-претставник на Канцеларијата на УНИЦЕФ Елспет Ериксон нагласи дека не треба да дозволиме попреченоста на овие лица да биде пречка за целосно интегрирање во општеството. Констатира дека во Македонија се прават извонредни напори се со цел подобрување на правата на децата со попреченост.