Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека е згрозен од примитивизмот со кој што беше направен обид да се заплаши поранешната пратеничка Весна Дамчевска Илиевска.
„Само луѓе со ниска политичка култура мислат дека ваквиот вандализам може да помине во 21 век, во земја која што треба да отпочне преговори за членство во ЕУ.
Праќањето на поранешни затвореници, криминалци и насилници пред домот на една жена, не е и не може да биде замена за демократска дебата. Тоа е кукавички чин кој покажува дека другата страна е исплашена и нема ниту еден вистински аргумент зошто да не се свика вонреден конгрес“, соопштуваат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес.
– Молкот на пратеничките на ВМРО-ДПМНЕ за насилството врз нивната поранешна колешка и молкот на Унијата на жени се доказ дека инцидентот не е случаен, додаваат од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес и велат дека очекуваат претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да престане да се крие.
Иницијативата бара тој да го осуди инцидентот и насилниците што го нарушуваа редот пред домот на семејството на пратеничката.
Исто така Иницијативата бара да бидат повлечени сите насоки за заплашување и вршење на притисоци врз членовите на одборот.
Иницијативниот одбор за ваквото насилство ќе ги информира меѓународните претставници во Македонија и нема да дозволи нечиј примитивизам да ја надвладее демократската дебата.
„Нема да не заплашите, ниту пак ќе не поколебате. Одговорност за лошото управување мора да има, а вонредниот конгрес треба да избере ново раководство“, се вели во соопштението на Иницијативниот одбор.