Со хистерично дерење и навреди, в.д. директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева негираше дека била контактирана од редакцијата на „А1он“, но не и дека Скопје има проблем со бездомните кучиња. По минута од разговорот самата го демантираше нејзиниот демант и кажа: „Ти кога си ме барал, јас бев во Париз“.
Вака течеше дијалогот со в.д. директорката на ЈП „Лајка“. Откако во понеделникот таа не одговори на нашите повици, вчера, сама се јави во редакцијата на „А1он“. Во петминутниот разговор, Пешева, не кажа како „Лајка“ ќе овозможи хуман третман на животните, кои во голем дел, се третирани и од активисти, наместо институцијата. Иако ни се јави, не остави простор за да одговори на прашањата за тоа зошто има наплив на кучиња кои се размножуваат низ Скопје, наместо да бидат стерелизирани.
Откако и укажавме дека имаме принтскринови од воспоставениот повик со неа, како и дека повикот се гледа од деталната сметка од телекомуникацискиот провајдер, Пешева кажа дека бидејќи сега е директорка, таа треба да биде контактирана само преку телефоните и мејловите на претпријатието, а не лично.
„Како тоа вие не сте ме добиле и никого од Лајка не сте добиле? Тоа е лага“, посочи Пешева, на што доби одговор: „Пишува дека не сме Ве добиле вас“. Таа допраша: „Како не си ме добил, каде си ме барал?“, на што доби одговор: „На телефонскиот број кој сте го користеле, а ние сме го имале…“, а Пешева реплицираше: „Еве немам пропуштен повик, а и да имам јас твојот број не го познавам и не се јавувам“, по што и беше кажан бројот на кој беше побарана за став. По ова Пешева: „Ти кога си ме барал, јас бев во Париз“.
На Пешева и беше отстапен простор да каже се што смета дека е погрешно во објавениот текст, да ги демантира информациите – но в.д. директорката, тоа не го направи. И беше отстапен и простор за интервју во „А1он“, но наместо потврда, в.д. директорката продолжи со арогантното однесување и хистерично дерење. Потоа, кажа: „Бидејќи веќе ти мене не ме бараш како активист, и во минатото не сме се персирале и сега не мора да ме персираш, многу е нормално да ме побараш преку претпријатието. Претпријатието има три мејл адреси, сигурна сум за новинар веднаш ќе одговори и ќе ме извести мене дека ме бара новинар“.
Со ова, в.д. директорката Пешева го демантираше демантот на ЈП „Лајка“ дека не била контактирана за став што се случува со бездомните кучиња во Скопје и зошто претпријатието нема контрола врз нив и нивно хумано третирање. Од целиот разговорот со редакцијата на „А1он“, таа за претпријатието кажа само дека „дише на чшкрги“.
Дополнително, во дописот насловен како „демант“ и самата потврдува дека претпријатието „Лајка“ детектирала поголема присутност на кучиња на гробиштата во „Бутел“ каде што е забележано дека не се третирани, немаат менѓуши и имаат шуга. Во дописот се потврдуваат работите кои „А1он“ веќе ги објави и во него се вели: „ЈП Лајка е свесна за проблемот со кој се соочуваат граѓаните на градските гробишта во Бутел, активно работи во разрешување на истиот и ќе продолжи и во следниот период стратешки да постапува на терен на оваа критична локација“.
„А1он“ објави дека на Скопје му се случува хаос со бездомните кучиња. Поради неспроведување на доволна стерилизација има се повеќе новороденчиња. Нема казни ниту за неодговорните сопственици кои ги исфрлаат своите миленици на улица. Според едно од сведоштвата, и гробиштата во Бутел се преполни окучени, со шуга и нетретирани кучиња. ЈП „Лајка“ се задолжени за хуман третман на животните во Скопје и нивна грижа. Тие за оваа намена наплаќаат пари од секоја општина на месечно ниво. Целта е хумано третирање на бездомни животни, односно кучиња, нивно заловување и враќање на локацијата од каде што се земени по нивна ресоцијализација. Исто така, во ова претпријатие се пријавуваат кучиња кои се агресивни, а најчесто, поради претходни трауми од тепање и малтретирање.