Јавното претпријатие Лајка кое е основано за хуман третман на бездомни кучиња испрати допис со став на текстот објавен на А1он со наслов „Хаос во Скопје: Бездомните кучиња се котат и хранат по гробови, граѓаните искасани“.
Дописот од ЈП Лајка ви го пренесуваме во целост
„Во однос на објавата на новинарот Кристијан Ландов, за порталот А1он, ЈП Лајка сака да ја информира јавноста за проблемот со бездомните кучиња во општина Бутел и градските гробишта, каде во изминатиот период заловувачки служби имаат постапено во повеќе наврати на посочената локација на која е детектирана голема присутност на улични кучиња, со што изминатите 10 дена се заловени 15 кучиња во oпштина Бутел и на самите градски гробишта.
Во контекст на ова, ЈП Лајка не е контактирано ниту телефонски, ниту електронски преку било кој од постоечките канали за комуникација на претпријатието, ниту пак директно се обратил некој до в.д директорката Радмила Пешева, со што ја демантираме вистинитоста на тврдењата на новинарот Кристијан Ландов дека контактирал било кого од ЈП Лајка за да се информира јавноста со конкретните активности на претпријатието, нашиот став и видување.
Воедно текст со наслов „Хаос во Скопје, бездомите кучиња се котат и хранат по гробови, граѓаните искасани, кој е преполн со агресија и поттикнува паника и анимозитет, навестува некаква новонастаната ескалирана состојба во однос на бездомните животни, зголемена бројка што е невистина која може да се увиди лесно – процените околу себе колку од животните немаат или имаат ушни маркици, значи се вакцинирани, стерилирани, мирни.
Заловувачките служби на ЈП Лајка постапуваат буквално на сите градски локации, таргетирајќи ги прво клучните жаришта, како што се конкретно спроведените интервенции во Бутел, кај гробиштата, населбата која ја посочувате и дел каде што поради зголемени извори на храна секогаш има повеќе бездомни кучиња.
Притоа, со оглед на тоа дека општина Бутел ги нема воопшто подмирено своите финансиски обврски кон претпријатието, “Лајка” сепак со своите заловувачки тимови постојано реагира и постапува на терен на различни локации во оваа градска општина.
ЈП Лајка е свесна за проблемот со кој се соочуваат граѓаните на градските гробишта во Бутел, активно работи во разрешување на истиот и ќе продолжи и во следниот период стратешки да постапува на терен на оваа критична локација, со цел хуман третман на заловените единки во прифатилиштето на ЈП Лајка и спречување на зголемувањето на популацијата на бездомни кучиња.
Јавното претпријатие за хуман третман на бездомни кучиња “Лајка” продолжува и понатаму да работи во служба на граѓаните и бездомните кучиња и секој граѓанин кој сака да пријави бездомно куче или глутница, својата пријава може да ја испрати на електронската адреса [email protected] или телефонски на 02/256 58 59, врз основа на која ќе биде изготвен налог на кој ќе биде постапено“.