Градоначалникот на Охрид повикува на борба со дивоградбите, а го остава советникот Усеини и натаму да си гради

Од:

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, повикува на борба со инвеститорите на дивоградбите во градот, а токму во неговиот мандат, се прават бројни нелегални градби во заштитеното јадро на градот и брегот на Охридското езеро, пред очите на целата јавност. „А1он“ во изминативе четири месеци постојано пишува за објектите кои се изградија кај Чинарот и брегот на Охридското езеро, но укажувањата за уништувањето на градот кој е под заштита на УНЕСКО, не допреа до градоначалникот Георгиевски.

Јавноста отворено прашува кој и каква корист има од непостапувањето на надлежните служби во Општина Охрид. Но и покрај ова, градоначалникот Георгиевски наместо да постапува и да ги сопре тековните нелегални активности, тој ги повикува сите чинители да си го одработат тоа за што се одговорни, вклучувајќи го и него.

За објектот кај Чинарот чиј инвеститор е советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини од ДУИ, „А1он“ пишуваше уште пред истиот да почне да се гради, но општинската инспекција реагираше десетина дена подоцна. По четири месеци од првата објава за дивоградбата на државно земјиште, градбата на објектот е во завршна фаза, а градоначалникот на Охрид времето го користи за уште една најава за ефикасно справување со дивоградбите. На терен, пак, може да се забележи дека објектот чија намена е да биде летна тераса за пицерија, ќе биде отворен, наскоро.

„Општина Охрид како најзасегната и најзаинтересирана ја презеде водечката и координативна улога во овој долгорочен и макотрпен процес. Во него, секој, без исклучок, ќе сноси одговорност за постапувањето и непостапувањето независно дали се работи за сторители на прекршоци или институции кои не постапувале соодветно. На увид целосно и навремено ќе се достават на јавноста наодите и резултатите од преземените мерки“, повторно најавува Георгиевски.

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски се уште не знае чија е нелегално изградената бетонската база која се наоѓа на самиот брег од Охридското Езеро, иако советникот Нефи Усеини, во телефонска изјава за „А1он“ потврди дека е негова. Инспекциските служби направиле увид во оваа дивоградба за која институциите не издавале еколошка дозвола, како што налага Законот за животна средина, ниту пак, дозвола за градба. Градоначалникот на Охрид вели дека состојбата со дивоградбите е алармантна, но за него тоа не е ништо ново. Тој додава дека пристапот на новата администрација е нов, па така, не е стопирано градењето на бетонската база.

„Нов е само пристапот кој што ние како нова администрација во општината го преземаме за справување со овој комплексен урбанистички, политички и општествен проблем. Пристапот за кој зборувам е системски и сеопфатени со вклучување на соодветните институции и сите останати засегнати страни“, се вели во статусот на Георгиевски споделен на социјалните мрежи.

Единствено со кое моментално може да се пофали Георгиевски е Регистарот на нелегални градби, кој го направи Општина Охрид. „А1он“ го побара овој документ, но и по една недела, се уште не го доби. Во него ги има локациите на кои има дивоградби, но дали сите нелегални објекти се впишани во него, не е познато. Општина Охрид соопшти дека на нивната територија има над 1000 дивоградби, од кои над 409 се во заштитеното подрачје на УНЕСКО.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион