Граѓанско демократската унија (ГДУ) преку соопштение предложи левицата и десницата да формираат заедничка Влада во интерес на земјата и, како што велат, реформите кои следат.
„Само Влада подржана од широко парламентарно мнозинство може да ги отвори европските перспективи за земјата. Неопходна е промена на изборниот модел, една изборна единица и отворени листи. Паралелно да го прочистиме Избирачкиот список.
По промената на изборниот модел, прочистување на списокот, имплементирање на договорот може да одиме на предвремни парламентарни избори, кои би се одржале заедно со претседателските. Суетите се лош сојузник во овие тешки моменти за земјата“, наведува ГДУ преку соопштение испратено до јавноста.
Партијата ги обвинува лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја турнат Република Македонија во бездна и вереме е да престанатсо партиски препукувања.
„Лидерите да се соочат со ситуацијата во која се наоѓаме и да се договорат или ќе ги изгласаат уставните измени или ќе одиме на избори. ЕУ чека да покажеме напредок во реформите. Европската комисија одблиску следи дали ние нешто работиме, ама очигледно ние само ловиме политички поени. Мора да се сконцентрираме на судските реформи и активната истрага,прогон и конечни пресуди за случаите на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво. Се следат и реформите во безбедносните и разузнавачките служби и тука не смее да направиме никаков кикс, а под итно мора да стартуваме и со реформирање на јавната администрација. До јуни мора да ги испорачаме резултати во овие три области“, наведува ГДУ во соопштението.