Од Граѓанско демократската унија со писмено соопштение кажуваат дека се уште има фиктивно вработени во јавната администрација.
– Операцијата за „активирање“ на лицата кои беа вработени по Рамковниот договор и кои со години земаа плата, а не одеа на работа е блокирана. Голем дел од државните службеници на кои им беше понудено како и сите останати да си ја заработат платата, не се појавуваат на работните места, а и натаму си добиваат плата за седење дома. Според она што го слушнавме од надлежните имаа можност и доколку не им се допаѓа понуденото, да одбијат, па дека ќе добијат нова понуда и ако и тогаш не прифатат ќе им се раскине договорот. Но и покрај сите привилегии за најпривилегираните административци, гледаме како законот грубо се крши, милиони од буџетските средства се одвојуваат за неработење, одговорност нема, а вицепремиерот Хазби Лика се крие од јавноста. А токму вицепремиерот е дел од Советот за реформи во јавната администрација, кој се формираше лани во рамки на Планот 3-6-9 и требаше да ја следи реализацијата на стратегијата за ефикасна,професионална и посветена државна служба, се вели во соопштението на ГДУ.
Тие го повикуваат вицепремиерот да излезе и да одговори зошто овие лица не одат на работа и врз кој основ се уште добиваат плата.
– Дали воопшто им било понудено одредено работно место, и ако им било дали одбиле, па и покрај тоа се уште се во работен однос? Дали вака се следат европските правила? Дали на овој начин ќе департизира и професионализира јавната администрација?, прашуваат од ГДУ.