(ВИДЕО) Фрчкоски: За секој од нас постои и некаде чека заштитен сведок

Од:

Дали во македонското судство, а по налог на полицијата или обвинителството се злоупотребуваат заштитените сведоци? Во сите досегашни судски процеси забележливо е дека пресудите се добивале со примена на овие сведоци, иако судската пракса од Стразбург забранува пресудата да се темели само на изказот на заштитен сведок. На овие прашања одговараа експерти на трибината

„Заштитен сведок помеѓу правната држава и прекршувањето на човековите права“, во организација на Фондот Отворено Општество Македонија.

На денот на човековите права, а пред утрешниот судски процес против Љубе Бошкоски во случајот „Ровер“, за убиството на Марјан Тушевски се наметна и дилемата за двата едно по друго случаи за екс министерот кои се темелат на заштитени сведоци.

Случајот е посебно интересен бидејќи наведува на политичка одмазда отколку на дело во кое е инволвиран Бошкоски.

Се поставува прашањето-убиството е пред 11 години, сведокот знаел 11 години за убиството, а молчел. Дали овој сведок треба да го добие овој статус, или обвинителот требало да покрене обвинение и за него? Како е можно да се покренува обвинение затоа што некој, во случајов заштитен сведок нешто начул и наслушнал, и врз основа на тоа е покренато обвинение?

Според професорот на Правниот Факултет, Љубомир Фрчковски, секоја стандардна инстиуција добива дебилен двојник во македонскиот политички систем.

„Сите знаеме дека за сите нас постои некој заштитен сведок и чека да биде повикан да сведочи. Ние стануваме навикнати на таквата приказна.

Зошто ниту една институција не функционира според предвидените стандарди, а тие институции се преземени, меѓу кои и заштитниот сведок. Кај нас институциите и институтите немаат нормално функционирање, не носат предвисливост и процедура туку се потполно зависни од политичките центри на моќ.

Законот за лустрација има дебилен двојник во македонската пракса, имате принцип дека обвинителството треба да е двигател на истрагата а не МВР, имате антикорупцикска комисија и дебилен двојник во македонаката пракса“, рече Фрчковски.

Речиси сите адвокати во вакви случаи имаат проблеми, и велат се без одбрана-не знаат со кого разговарат ниту дали на вистина се работи за тоа лице.

„Судијата при сослушување на заштитен сведок не проверува дали лицето е само во просторијата каде што го дава исказот. Ова се случува со видео конференција, лицето е во друга просторија, судијата мора да го утврди идентитетот на лицето и времето кога го дава исказот. Често има одолговлекување при прашањата, и јасно е дека лицето очекува да му биде сугерирано што да каже. Гледаме еден екран и слушаме некаков глас, не знаеме каде е, дали е сам, дали е навистина тоа лице таму воопшто. Како професионалци имаме проблем да постапуваме во тој процес, зашто треба да веруваме на обвинителот“, рече адвокатот Константин Кратовалиев.

Според адвокатот Филип Медарски во пракса не се даваат конкрени причини зашто на одредено лице му се дава статус заштитен сведок.

„Ние не наоѓаме конкретни причини, ни јавниот обвинител не дава причини и поради тоа судот не ги дава во решенијата причините. Во ниеден случај нема укажано во што се состои потребата и од каде доаѓа опасноста некој да стане заштитен сведок. Во најголем дел од постапките увидуваме дека се работи за лице кои самите се инволвирани во кривичното дело. Голем дел на пресудите кои се носат се засновани исклучително на заштитен сведок, а тоа и според судот во Старзбург не е дозволено“, рече Медарски.

Според поранешниот судија во судот во Стразбург Маргарита Цаца Николовска во дадената ситуација е голем проблемот од аспект што се случува во праксата.

„Не може само исказот на тој сведок да биде основ за едно обвинение и за една пресуда, покрај тоа треба да има и други докази но не формално презентирани туку суштински докази. Претпоставувам дека највисокиот суд ќе има доблест да го расчисти проблемот со заштитениот сведок“, рече Николовска.

Професорот на правниот факултет Гордан Калајџиев истакна дека секое фер судење поаѓа од некоја здрава логика, доказите мора да се тестираат зашто може да се злонамерни.

„Доказите мора да се компарираат со други докази и каде што може да се покаже дека нешто не е така. Улогата на судот е тука критична, и обвинителството во тоа да биде гарант дека се што применува државата било неопходно“.

„Има голема опасност овие случаи со заштитени сведоци да се претворат во ептем наместени политички процеси. Кај нас за првиот случај на Љубе Бошкоски имало серизони фалинки во начинот на испитување на сведокот и целиот контекст не дава за веродостојност на исходот“, рече Калајџиев.

Калајџиев не сакаше да навлегува детално во анализа пред утрешниот почеток на судењето за да не се сфати дека врши влијание, но кажа дека е чудно што новиите мерки се базираат на поголеми овластувања на полицијата, и сега одеднаш преку ноќ станаа институција на која и се даваат дополнителни алатки за кои не покажале дека ги заслужуваат.

„Имаме сериозен проблем зашто судот е најслабата алка, а сега низ судот се поминува како топол нож низ путер, залудно фрламе пари за судството а нема ефекти“, рече Калајџиев.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Интервју со Огненовски: Треба да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија, да се конфискува се што е нелегално стекнато од 1991 година наваму

Усвоена Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година

А1он

Оценската мисија за Судскиот совет неделава завршува со мониторингот

А1он

Ковачевски за кривичниот законик: Казните се од комунистичко време, ги направил Дарт Вејдер, намалувањето е во согласност со ЕУ

Орце Костов

Лидерите на Северна Македонија мора да го ограничат политичкото мешање во судството, вели Стејт департментот

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Лога призна дека го упропастија судството, сега е време цела влада да си даде оставка

Предраг Петровиќ