Новиот изглед на Градскиот трговски центар ќе биде во барок стил. Покрај барокната фасада која ќе гледа кон Собранието, ГТЦ ќе добие три куполи, 10 антички столбови, а на покривот е предвидена тераса со голем број на склуптури.
Од сите страни ГТЦ ќе добие украси со бронзени елементи со златна боја – пренесува Алфа. Автор на идејните решенија е Жарко Чаушевски, кој каков автор се појави и на други идејни решенија за објекти од проектот „Скопје 2014“.
Новиот избор за нова фасада на ГТЦ доаѓа по неколку неуспешни обиди поради забелешки на Комисијата составена од неколку архитекти.
Конкурсите беа поништувани во зависност од решенијата. првиот пат не помина решението за ултра модерен трговски центар зашто било пријавено едно решение.
Образложението беше дека немало конкуренција, по што се сугерираше да се конкурира со решенија во барок и неокласичен стил.
Градскиот трговски центар е изграден во 1971. година, а авторот Живко Поповски кој е починат, инсистираше да се зачува автентичноста на објектот и да не се менува.
Архитектите уште при најавата дека е можно да се менува ГТЦ во барок стил прашуваа во име на што се врши ваквата интервенција.
За архитектката Драгица Павловска, интервенцијата што ќе му се случи на ГТЦ претставува жална приказна, кој за неа претставува елегантен објект што е белег на Скопје.
– Вие интервенирате на ГТЦ во име на редизајн, во име на квадратура? Во име на што? Многу е тешко да се најде крајната цел на таа интервенција. Исто така, бесмислено е да му се се наметнува уметничкиот израз на еден архитект, кој треба да го осмисли решението, вели Павловска.
Петар Клинчарски