Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ќе испитува дали фирмата „Инфопројект“ на Ванчо Орданоски, брат на новинарот Сашо Орданоски, ги прекршила правата на интелектуална сопственост. Ова го тврдат од Фондот за „А1он“, откако во јавноста се појавија сомнежи дека фирмата на Орданоски, која доби над 240.000 евра од ФИТР, ќе изработува уред против загаденоста кој изгледа идентично како уред што веќе го изработува индиска компанија.
На веб-страната на проектот на Орданоски, „Екомонитор“, првично стоеше фотографија од уредот, идентична со онаа на индиската веб-страница, со таа разлика што на македонската веб-страница беше избришано логото. Неколку дена по објавувањето на информацијата дека станува збор за ист уред, оваа фотографија беше отстранета од „Екомонитор“.
„До ФИТР нема доставено официјална информација или претставка за нарушени права на интелектуална сопственост од ниту една компанија. ФИТР секако има механизми за заштита и проверка на вакви случаи. Секоја компанија корисник на средства од ФИТР со договорот се обврзува дека „не смее свесно или намерно да ги нарушува правата на интелектуална сопственост на кое било трето лице. Доколку проектот се заснова на веќе постоечки права на интелектуална сопственост, корисникот е должен да достави доказ за право на користење на интелектуалната сопственост во вид на договор за лиценцирање, договори за непаричен придонес и друг вид на договор кој потврдува дека корисникот има право на користење на интелектуалната сопственост на кој се засноваат резултатите од проектот“, велат од Фондот и додаваат дека веднаш по информациите во јавноста за можно прекршување на овој дел од договорот, ФИТР од компанијата „Инфопројект“ побарала да достави дополнителни информации во врска со правата на интелектуална сопственост на проектот “Екомонитор“.
Компанијата „Инфопројект“ аплицирала со два предлог проекти на јавниот повик на Планот за економски раст – Столб 3, реализиран во период од 27 април до 11 јуни 2018 година. Комитетот за одобрување на инвестиции донел одлука за поддршка само за едниот, „Екомонитор“.
Договорот со компанијата е потпишан на 22 февруари 2019 година, а проектот треба да се заврши за две години.
За проектот „Екомонитор“, компанијата учествува со сопствено финансирање од 104 илјади евра, а Фондот ги дава останатите 243 илјади евра. ФИТР до сега има исплатено околу 8 отсто од сумата.
На веб-страницата на „Екомонитор“ пишува дека уредот ќе овозможи собирање (аквизација) на податоци за квалитетот на воздухот, температурата, ветерот и други метеоролошки податоци во урбаните средини.
„Целта на овој проект е сеопфатен мониторинг на воздухот особено во региони од Македонија каде што воопшто нема мерни станици. Целиот концепт се базира на „open source“ уредите, софтверот и податоците ќе бидат јавно достапни и секој ќе може да ги реплицира“, се вели во описот.