Сто и дваесет фармацевти од државата кои ја завршија четиримесечната обука за елементарно совладување на знаковен јазик, во аптеките ќе можат да комуницираат со глуви и наглуви лица. Од нив, 50 обучени фармацевти на знаковен јазик од Скопје денеска добија сертификати, а лиценци добија шест обучени и лиценцирани сертифицирани толкувачи на знаковниот јазик.
Досега во државата лиценци имаат 18 обучени лиценцирани сертифицирани толкувачи на знаковниот јазик. Обуките за фармацевтите кои ги вршеа стручни лица кои ја работат таа комуникација и се сертифицирани да го работат тој знаковен јазик, се резултат на успешната соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика, Националниот сојуз на глуви и наглуви лица и Фармацевтската комора на Македонија.
Сертификатите на 50 обучените фармацевти на знаковен јазик од Скопје денеска им ги додели министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој истакна дека проектот е во насока на намалување на бариерите со кои се соочуваат глувите и наглувите лица во Македонија.
– Преку овие обуки во соработка со Националниот сојуз на глуви на наглуви лица и Фармацевтската комора на Македонија значително ќе им помогнеме на глувите и наглувите лица при купувањето лекови и контактите кои ги остваруваат во аптеките ширум Македонија. Од сега, па натаму 120 фармацевти ги знаат основите на знаковниот јазик и ќе можат полесно да комуницираат со глуви и наглуви лица, посочи Спасов.
И во наредниот период, истакна Спасов, ќе продолжиме со конкретни активности за намалување на бариерите со кои се соочуваат глувите и наглувите лица.
– Обезбедивме доволно финансиски средства за годинава да се обучат околу 40 толкувачи кои ќе бидат сертифицирани со што за три пати ќе се зголеми бројот на лиценцирани сертифицирани толкувачи за знаковниот јазик. Планираме и дополнителни обуки во соработка со Министерството за здравство и во повеќе болници и здравствени установи во Македонија со кои и натаму ќе продолжиме да ги подобруваме условите за овие лица во државата, додаде Спасов.
Претседателот на Фармацевтската комора Бистра Анѓеловска изрази задоволство од покажаниот интерес од страна на фармацевтите, за нивниот успех и големото залагање, за да го научат основниот дел на тој јазик за да можат да се разберат со глувите и наглувите лица.
– Фармацевтите со тоа ќе можат да ја остварат основната цел на нашата професија, а тоа е добра комуникација со сите луѓе, како и добивање информација дали пациентот разбрал како да го употребува лекот и се што го интересира во врска со лекот и неговиот начин на лекување, посочи Анѓеловска.
Ова, нагласи таа, претставува голем чекор напред во обезбедување квалитетни здравствени услуги од страна на фармацевтите. Изрази уверување дека и другите колеги од областа на здравството ќе покажат интерес за такви или слични обуки за комуникација со глуви и наглуви лица.
Марија Ивановска, една од добитничките на сертификат, рече дека пациентите се задоволни кога ќе наидат на фармацевт кој ги разбира и кој знае да им објасни како треба да ја применат нивната терапија.
– Имавме многу добри предавачи кои не научија како да комуницираме со овие пациенти. Им препорачувам на сите здравствени работници да се вклучат во вакви кампањи, додаде Ивановска.
Претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Васко Марков, изразувајќи задоволство од спроведените обуки кои воедно биле едно од нивните барања, рече дека станува збор за еден голем многу важен проект од страна на Владата во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
– Моментално имаме 18 сертифицирани толкувачи. Обезбедени се 500.000 денари за обуки за нови толкувачи. Би сакал како Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, да имаме над 100 толкувачи, додаде Марков.