„Ексико“ не платил данок кон државата, се најде на листата на должници на УЈП

Од:

Најпознатата офшор фирма со швајцарски капитал „Ексико“ која е дел од истрагата за случајот „Империја“ не го платила данокот кон државата од 60 илјади евра. Компанијата се најде на листата на должници во Управата за јавни приходи.

„Вкупниот доспеан долг е 3.709.568 денари и целосно произлегува од неподмирена обврска за данок на добивка“, велат од УЈП.

За тоа што ќе биде преземено од Управата не одговараат односно согласно Законот за даночна постапка се повикуваат на даночна тајна.

„УЈП активностите кон секој должник ги започнува веднаш по идентификување на задоцнетото плаќање, односно се применува принципот „рано идентификување и брзо интервенирање”. Во зависност од ризичноста, за таргет групата на должници се применуваат следните активности: неперсонализирана е-маил порака преку системот е-Даноци, телефонски контакт и теренски посети од страна на даночни службеници. За долговите со старост над 30 дена активностите на УЈП имаат за цел ефективно обезбедување на плаќањето на долговите (со воспоставување на законско заложно право на имот и побарувања на должникот, вклучително и солидарни должници и даночни гаранти) и што побрзо впаричување на долговите (продажба на запленетите движни предмети и недвижности), што се стандардни мерки за присилна наплата“, велат од УЈП за „А1он“.

Фирмата „Ексико“ која своето сопствеништво го криеше во Белизе, па потоа во САД и на крајот во Лугано, Швајцарија се врзува со неколку лица од Македонија, од кои официјално фигурира единствено Тодор Мирчевски, како директор на компанијата.

Досегашната истрага за случајот „Империја“ на СЈО што се отвори минатата година покажала дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Потоа, како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршуваат на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Регистрирана во 2001 година, оваа компанија за првпат во 2012 година фигурира на листата на најуспешни на 29-тото место со бруто добивка од речиси три милиони денари. Година дена подоцна, таа се искачи на 14-тото место со добивка од над 540 милиони денари или околу 9 милиони евра на листата на најуспешни компании на „Еуробизнис центар“ правена неколку според финансиски индикатори собрани од повеќе финансиски институции во земјава.

По смената на власта во 2017 година, може да се забележи пад во приходите и во добивката кај најпознатата офшор компанија. Ако во 2016 година приходите на компанијата изнесуваат 2,2 милиони евра, во 2017 година приходите се намалуваат за половина.

Со истрагата за случајот „Империја“, на барање на СЈО беше замрзнат дел од имотот на „Ексико“ и истиот не смее да се отуѓува.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

A1on

„Орка Холдинг“ на Орце Камчев ќе го презема целосно „Жито Полог“

A1on

Секој што бил прислушуван сам ќе треба да тужи: Кривичен суд ги праќа на граѓанска постапка откако предметот застаре

Александар Тодески

Се распродава имотот на Мијалков – јавно наддавање за станови во Охрид, плац на Кожуф, земјиште

А1он

Агелер: Ние нема да ги апсиме оние што се на листата, одлуките зависат од вашите судски органи

А1он

Министерството за финансии на САД го стави Орце Камчев на Црната листа

Горан Наумовски