Дескоска: Прогласувањето вонредна состојба е државничка одлука за која нѝ е потребна сплотеност, соработка и разум

Од:

Владата денеска ја донесе најтешката одлука од своето постоење, а тоа е одлуката да побара прогласување на #вонредна #состојба. Прогласувањето на вонредна состојба е државничка одлука за која нѝ е потребна сплотеност, соработка, трезвеност и разум, напиша на својот Фејсбук профил министерката за правда Рената Дескоска.

Ширењето на вирусот, а притоа имајќи ги предвид последиците по здравјето од вирусот Ковид-19, како што посочи Дескоска, доведоа до одлука за барање за прогласување на вонредна состојба како единствен начин кој нѝ овозможува ефикасни инструмети за превземање мерки за заштита на јавното здравје и животот на граѓаните.

– Вонредната состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Во светот е прогласена пандемија. Никој повеќе не треба да има дилеми дека настапиле околностите од членот 125 од Уставот за прогласување на вонредна состојба. Самото прогласување на вонредната состојба #не значи #автоматска промена или ограничување на човековите права или начинот на живот на граѓаните. Самото прогласување на вонредна состојба не значи забрана за движење, полициски час, затварање на продавници или нешто слично. Со моментот на прогласување на вонредната состојба важат мерките кои до сега се донесени од страна на Владата и тоа не значи автоматско стапување на сила на нови мерки, пишува Дескоска.

Таа посочува дека носењето на одлука за прогласување на вонредна состојба е потребно пред се заради добивање можност за ефикасно регулирање на одредени прашања кои треба да помогнат полесно да се надмине епидемијата и последиците кои таа ги предизвикува, пред се врз економскиот живот во земјата, врз #стопанството, земјоделството.

– Со воведување на вонредна состојба, Владата, согласно членот 126 од Уставот, добива право да носи #уредби со законска сила. Тоа се акти со кои ќе регулира прашања кои во нормална ситуација се во надлежност на Собранието. Уредбите со законска сила имаат еднаква правна сила со законите и со нив ќе можеме да измениме одредени законски одредби или да донесеме одредени мерки кои се итно потребни, а кои без прогласена вонредна состојба, би требало вообичаено да поминат законска постапка во Собранието, истакнува министерката за правда.

Вонредната состојба, како што посочува таа, овозможува и ограничување на одредени човекови права.

– Наша заедничка заложба е ограничувањето на правата да биде минимално и само кога е нужно. Колку повеќе се придржуваме до мерките и препораките кои се до сега дадени, толку побрзо ќе ја пребродиме оваа криза и нема да бидат потребни нови мерки за ограничување на правата на граѓаните, додава Дескоска.

Истакнува дека во изминативе триесет години како држава и нација поминавме многу тешки, но и убави моменти, надминавме многу предизвици. – Ќе се справиме и со ова, ќе ја надминеме и оваа битка со епидемијата и ќе излеземе посилни. #ЌеПобедиме! , напиша на ФБ министерката Дескоска. 

Би можело да ве интересира

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

Орце Костов

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески

Министерство за правда: Законот за амнестија нема да се носи со европско знаменце

Горан Наумовски

Министерството за правда ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства