Дел од домашните платежни картички како помош за справување со последиците од коронавирусот ќе останат неподелени оти лицата кои ги добиле не се во земјава, а банките при доставувањето на картичките регистрирале и смртни случаи на некои од добитниците. Од Стопанска банка АД – Скопје за „А1он“ велат дека, засега, немаат точна бројка на неподелени картички.
„ Немаме точен процент на клиенти засега, нека помине рокот па ќе знаеме подобро колку клиенти не си ги подигнале картичките. Претпоставката дека добар дел од неподигнатите ќе биде поради отсуство од Македонија е затоа што прашуваат во Контакт центар или на ’Фејсбук’ дека не се во Македонија дали може некој од семејството да ја подигне. Не пишуваат дали се отселени, на привремена работа или се туристички отсутни но, сепак, пишуваат дека не се во Македонија и дека нема да стигнат до 17 јули (ниту 15 август) да се вратат за да ги подигнат. Веројатноста да не се подигнат одреден процент од картичките е голема, се случува и да починал корисник откако е објавен списокот додека да се изработи картичката. Реално е и дека некои нема да ги подигнат затоа што не ги сакаат а не ја одбиле помошта преку веб страницата на Банката, како и разни други причини“, велат од Стопанска банка за „А1он“.
Најголем дел од картичките веќе ги поделиле. Стопанска банка треба да подели над 110.000 картички од кои, до петокот, доставени до клиентите биле 80 отсто. Оние кои ги добиле картичките парите веќе ги трошат, главно на храна.
„ Нешто над 60% од префрлениот износ на финансиска поддршка е веќе искористен на сите картички кои се превземени од клиентите. Притоа, очекувано, околу 90% од потрошениот износ на домашните платежни картички се користи на дејности поврзани со прехранбените производи и супермаркети“, велат од Стопанска банка.
И министерката за финансии Нина Ангеловска потврди дека домашната платежна картичка најчесто се троши во супермаркети. Таа објави дека до петокот активни биле 187.000 картички од вкупно 324.479 картички предвидени да се поделат на вработени лица со низок доход, млади лица на возраст од 16 до 29 години и здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на заболените од Ковид – 19.
Од пристигнатите над 20.000 приговори од граѓани кои сметаат дека ги исполнуваат условите, но не добиле картички, министерката Ангеловска соопшти дека биле прифатени уште 5000 приговори од студенти и млади лица, а претходно беа прифатени првите 2000 приговори. Студентите и младите лица денес треба да бидат додадени на веб – страницата kupuvandomasno.gov.mk и нивните картички ќе почнат да се печатат. До крајот на неделата треба да се завршат проверките на сите приговори вклучително и проверките од УЈП, МТСП, АВРМ и ФЗОМ со што ќе се затворат сите поднесени приговори, а потоа Министерство за финансии ќе ја соопшти вкупната бројка на прифатени приговори.
Од Министерството за финансии не одговорија на прашањата од „А1он“ како ќе постапат со картичките за кои банките велат дека не можат да ги поделат оти добитниците се надвор од државата или пак како ќе постават со картичките на лицата кои починале по објавување на списокот.
Крајниот рок за доставување на картичките до корисниците е 18 јули, а префрлените пари треба да се искористат до 15 август. Освен Стопанска банка, пред чии филијали секојдневно има метеж за потпишување на договорите и подигање на картичките, домашни платежни картички издаваат и НЛБ Банка која треба да подели 113.000 картички, Комерцијална банка која има 53.000 картички за достава, Халк банка, Шпаркасе банка, Охридска банка, УНИ Банка, Централна кооперативна банка и Силк роуд банка.
Од Комерцијална банка за „А1он“ изјавија дека доставиле повеќе од 81 отсто од картичките и генерално немале тешкотии во процесот. И кај нив најзастапени трансакции, од веќе поделените картички, се трансакциите во маркети, 50 отсто од вкупниот промет.