Помошта од 6.000 денари може да се подигне и во кеш, Владата препорачува да се троши на македонски производи

Од:

До крајот на неделава сите граѓани кои ги исполнуваат условите од четвртиот сет мерки ќе добијат по 6.000 денари на трансакциските сметки кои ќе можат да ги подигнат во кеш, немаат рок во кој треба да ги потрошат и нема ограничувања кои производи да ги купуваат. Од Владата велат дека препорачуваат државната помош да се троши на македонски производи и услуги, но нема начин да ги контролираат.

„За разлика од претходната парична помош која беше на картички и со неа можеа да се купуваат само македонски производи и услуги, сега тоа е оставено на совеста на граѓаните. Ние препорачуваме да купуваат македонски производи. За тоа ќе направиме и листа на компании кои имаат македонски производи, но секако од граѓаните зависи каде ќе ги потрошат. Ќе можат да ги подигнат и во кеш, тие ќе им бидат префрлени на сметките, но за да нема групирање, ние препорачуваме плаќање со картички“, вели Фатмир Битиќи, вицепремиер за економија за „А1он“.

„На совеста на граѓаните е оставено дали ќе ја трошат паричната помош на македонски производи“, Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Помош од 6.000 денари треба да добијат 283.000 граѓани во вкупен износ од 27,3 милиони евра. Исплатата почна вчера, а од Владата велат дека вчера и денес на сметките на граѓаните се исплатени 1,51 милијарда денари или 24,6 милиони евра.

Еднократна помош за справување со последиците од пандемијата со четвртиот сет мерки треба да добијат граѓаните со низок доход, пензионерите со пензии до 15.000 денари, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади на возраст од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, регистрирани до 27-ми септември, денот кога беше објавен четвртиот пакет на економски мерки.

За лицата со ниски плати, пензии, лицата од 16 до 29 години и корисниците на право на социјална сигурност на стари лица листите се веќе објавени. На страницата „купувам домашно“ сите што ги исполнуваат условите можат да проверат дали се на листата и да поднесат приговори доколку ги исполнуваат условите, а не се на листата.

„ Приговорите кои стигнуваа до Генералниот секретаријат на Владата активно се разгледуваат, досега се пристигнати речиси 70.000 илјади приговори, процесот е во тек.  За граѓаните чии приговори се прифатени, нивните податоците  ќе бидат ажурирани и објавени на  веб страницата купувамдомашно.гов.мк“, велат од Влада.

На објавената листа ги нема вработените филмски работници, естрадни уметници и самохрани родители. Од Владата велат дека листата за нив ќе биде објавена денес.

Објавата на листата за нив, како што објаснува вицепремиерот Битиќи, доцни затоа што биле потребни дополнителни проверки поради тоа што во државата нема регистар за овие категории лица.
„Самохраните родители имаа обврска сами да се пријават за да добијат помош оти немаме единствен регистар од кој би можеле да ги земеме податоците. Тие се пријавуваа па потоа пријавите се проверуваа со социјалните служби за да се објави списокот“, рече вицепремиерот Битиќи.

Помошта од 6.000 денари ќе ја добијат и граѓаните кои немаат трансакциски сметки. Услуга ќе им биде овозможена од банката во која се распоредени за што информација може да добијат со внесување на својот ЕМБГ на веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk.

Паричната помош е дел од четвртиот сет мерки за справување со последиците од пандемијата што Владата го најави на крајот на септември.

Би можело да ве интересира

Владата го утврди текстот на Предлогот на закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани

Антикризни мерки: Учениците ќе добиваат од 1.200 до 1.800 денари месечно, по 3.000 денари за пензионерите со ниски пензии

Орце Костов

Околу 300 илјади Австријци ќе добијат 500 евра парична помош од државата

А1он

Еднократна финансиска помош добиваат ноќните клубови, рестораните за свадби и туристичките агенции

Хрватска: Малите стопанственици ја тужат државата поради епидемиолошките мерки

Жарко Настоски

Костадинов: 10 милиони евра за бескаматни кредити од линијата Ковид 4, поддршката за економијата продолжува