Гужви пред банките за државните картички, без маски, без растојание

Од:

Слободно нека отворат нов кластер заразени од коронавирус и нека го наречат државни картички, коментираа денес скопјани пред филијалата на Стопанска банка на Бит-пазар. Се пожалија дека со часови чекаат ред да влезат во банката за да си ја земат државната платежна картичка. Дошле откако банката со порака ги известила во колку часот точно да дојдат, но ги дочекал метеж кој со часови не се намалил.

„Ми стигна порака од Стопанска банка во 07.33 утрово да ја подигнам картичката денес, значи во ист ден, во 12.30 часот, на Бит –  пазар. Во тоа време сум на работа па морав да барам слободен ден, а кога стигнав пред банката имаше луѓе како на митинг. Натрупани еден до друг, некои со маски некои без маски, сите чекаа да излезе обезбедувањето за да ни подели бројче. Кога излезе, од далеку му побарав бројче а тој само ми се развика ’не се дери ма, сите ќе добиете бројче’. Делеше само по пет бројчиња на секои петнаесетина минути и влегуваа само оние што ќе се истуркаа. Јас не стигнав на ред, ми беше страв да се туркам оти имаше луѓе што не носеа маски, а многумина и ги симнуваа поради горештината. Сега треба уште еден слободен ден од работа да барам за да можам да ја подигнам. Обезбедувачот воопшто не се грижи да воспостави ред и по ред да ги дели бројчињата. Се грижеше само за редот внатре во банката, а надвор цело време беше хаос “, се пожали скопјанка која денес не успеала да ја земе картичката.

Од Стопанска банка – АД Скопје велат дека токму лицата кои не успеале да ги подигнат картичките во резервираниот термин, го прават метежот. На забелешките дека многу доцна ги известуваат со пораки, од банката велат дека пораките се само потсетници, а термините биле претходно објавени на сајтот на банката, каде што секој можел да провери кога треба да си ја подигне картичката. Ингеренциите на обезбедувањето, според банката не се за луѓето кои чекаат надвор, туку за оние внатре, но насилно однесување не е дозволено.

Тетовчани денес на министерот Филипче му испратија фотографии од метежот пред банките и предупредија на нов кластер

„Нагласуваме дека ангажираните редарски службеници се лиценцирани за таа дејност и од реномирани компании кои нудат вакви услуги. Редарите немаат ингеренции ниту насоки за насилно однесување и нивната задача е јасна и едноставна – да одржуваат растојание и користење на мерките за заштита (марама, маска). Приоритет на услужување имаат клиентите кои доаѓаат во својот термин а бројчиња се делат само во случај кога повеќе клиенти со пропуштен термин доаѓаат да ги подигнат картичките. Банката реагира на сите укажани несоодветни однесувања на редарските службеници со нивна итна замена. Ве уверуваме дека за влез во Банката мора да се користи маска, меѓутоа не е разумно да се очекува редарските службеници да успеат на сите лица кои чекаат надвор да влијаат да ги користат маските додека чекаат како и да одржуваат ред“, објаснуваат од банката и нагласуваат дека имало и случаи кога редарите биле нападнати од граѓаните поради што морале да бараат помош од полиција.

Граѓаните кои добиле картички се пожалија дека имало и случаи кога жител на еден град добил порака од банката картичката да си ја добие во сосема друг град. Жителка на Куманово добила известување картичката да си ја подигне од Гевгелија, а жител на Прилеп бил распределен картичката да ја побара во филијалата на Бит – пазар. Од Стопанска банка велат дека ги користеле податоците што ги добиле од Владата, а ваквите проблеми ги решавале со праќање на картичките во филијалите во местото на живеење откако клиентите ќе го побараат тоа.

Метежот во Куманово со денови не се намалува

Со исклучок на филијалата на Бит – пазар, како и оние во Тетово и во Куманово, од банката велат дека немале проблеми во доставувањето на картичките на граѓаните. Веќе поделиле осумдесет отсто од вкупно 110.000 картички колку што треба да поделат.

Велат дека тоа што речиси ги поделиле картичките ја оправдало нивната одлука картичките да ги делат во филијалите, а не по пошта на што се одлучиле поради големиот број филијали распространети во сите делови од државата.

На проблеми околу подигањето на картичките денес се пожалија и жителите на Тетово и Куманово кои на министерот за здравство Венко Филипче му испратија и фотографии на кои се гледа дека метежот во Тетово и во Куманово бил поголем отколку во Скопје.

На услугата се пожалија и граѓани кои ги добиле картичките од НЛБ „Тутунска банка“ која ги испраќа по пошта. Картичките им стигнувале во време кога се на работа, па морале сами да одат по нив, но велат дека немало метеж на местата каде што им било посочено да си ги подигнат и да ги потпишат договорите.

Владата соопшти дека до 18 јули државни платежни картички треба да добијат вкупно 324.479 корисници.

Би можело да ве интересира

Левица: Приходите на банките од камати изнесуваат 267 милиони евра

А1он

Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен, донесена е одлука за натамошно зајакнување на отпорноста

Орце Костов

Надминат е проблемот со картичките VISA и Mastercard, повторно можат да се користат банкоматите

Катерина Ѓуровски

Банкарска асоцијација: VISA и MasterCard се недостапни – Дефектот не е од македонска страна

Голем дефект – не работат картичките од сите банки во цела Македонија, но и во странство, вадење пари само на шалтер

Анита Петровска Рајковиќ

АНАЛИЗА : Банките ги заострија кредитните услови – фирмите и граѓаните „воздржани“ од нови задолжувања !