Се надевам дека 2024 година ќе биде година во која сите членови ќе најадат начин да покажат дека можат понатаму да се движат по трасираниот пат на Судскиот совет, исполнувајќи ги основните заложби, кажа Весна Дамева, која денеска се врати на чело на Судскиот совет откако Управниот суд пресече дека била незаконски разрешена од претседателската функција.
„Лично сметам дека пресудата на Управниот суд е првиот чекор напред којшто влева надеж дека правдата е достижна. Се надевам и очекувам дека ова ќе биде почетокот за враќањето на довербата на граѓаните во судството. Нашата работа и сите заложби ќе останат декларативни ако правдата не е видлива. Јас сум за вистината, без оглед кој ја кажува. Јас сум за правдата, без разлика за кого е“, рече Дамева.
Таа кажа дека Европската унија преку извештајот од оценската мисија била дадена поддршка, а истиот го гледа како патоказ за сите членови на Судскиот совет.
Управниот суд, вели Дамева, исправил грешка која била направена со седницата на која беше разрешена. Очекува советот да продолжи да работи без било какви опструкции.
„За секое опструирање, непостапување, недоаѓање на седници си има пропишано законска процедура и понатаму ќе се санкционира. Ова го мислам за сите членови на Судскиот совет“, кажа таа.
Легитимитетот на советот како тело, според претседателката, не е доведен во прашање, бидејќи не гласале сите членови. Вели, секој член на судски совет е подложен на разрешување, но законски е одредена постапката.
„Има законска постапка како се разрешува претседател или член. Најважна е моралната одговорност на членовите. Секој кој мисли дека направил било каква повреда, гласал од било кои причини или сметал и при гласањето дека постапува незаконито, останува на неговата совест. Јас ги преземав сите дејствија во насока на правдата, на санкционирање на одредени постапки, бидејќи доколку тоа не го сторев, де факто ќе бев соучесник на сите постапувања, не зборувам само за моето разрешување, и за други одлуки кои се носеа, така што, на совеста на секој од нас поединечно“, посочи Дамева.