Општина Зрновци спроведува акција за чистење на каналската мрежа. Паралелно со ова се чистат и вадите кои потоа ќе бидат целосно бетонирани.
– Пред почетокот на пролетната сеидба се зафативме со чистење на каналите и вадите кои се потребни за испорака на вода до нивите на земјоделските производители од општина Зрновци. Со средства од повеќе извори по чистењето и на вадите истите ќе ги бетонираме со што целосно ќе ги заштитиме од пропаѓање и од загуба на вода, изјави Блаже Станков, градоначалник на општина Зрновци.
Станков истакна дека во оваа акција ќе бидат исчистени и бетонирани земјените вади во Морошко поле во должина од 1.400 метри, како и вадите на Кочански, Винички и Штипски пат во вкупна должина од 3.600 метри. Ќе бидат исчистени и вадите во неколку атари во населените места Зрновци, Мородвис и Видовиште.