Нека заврши подготвителното рочиште и во зависност од одлуката во судот ќе процесуирам кривична постапка против тужителите и сите оние кои учествуваа во оваа постапка, рече екс директорот на ДБК, Слободан Богоевски по завршување на подготвителното рочиште, на кое судот ги задолжи тужителите Али Ахмети и Муса Џафери да ги обезбедат сведоците, адвокат и нотар пред кои според нив екс разузнавачот ја дал изјавата и оргинален транскрипт од изјавата на Богоевски пред американските власти.
– Очигледно е дека се обидуваат да постигнат повеќе ефекти, да се правдаат пред електоратот дека се чесни, невини, да издејствуваат било каква пресуда тука во судовите, каде што порано по нарачки се донесуваа и да покријат кривична постапка со постапка за граѓанска одговорност, за клевета. Тоа е нон сенс, но во Македонија видовме овие години, се е возможно, рече Богоевски.
Судот повторно не се произнесе по барањето на адвокатот на Богоевски, Валентин Зафиров за утврдување на надлежност на македонскиот суд.
– Според законите на САД, не може да биде тужен за клевета лице кое сведочи пред суд за изјава дадена таму. Целта на овие тужби против него беше во предизборието, беше да се оправдаат за тоа што се води постапка во САД пред својот електорат, рече Зафиров.
Богоевски рече дека на 7 мај ќе патува во Америка, каде треба да биде изречена пресудата за случајот „Маѓар телеком“.
Следното подготвително рочиште во граѓанскиот суд е закажано за на 25 мај, а според тужбата, Богоевски треба да плати 3 милиони денари отштета за Ахмети и 2,5 милиони денари отштета за Џафери за изјавата пред американската комисија за хартии од вредност, како и пред окружниот суд во Њујорк.