По објавената сторија од редакцијата на ИРЛ „Убиство во Тетово“ каде што беа обелоденети информации за причините поради кои настанал пожарот во модуларната болница во Тетово, поранешниот министер за здравство Беким Сали се изјасни за постапката која се одвиваше после пожарот кога тој како министер го раскина договорот со „Брако“.
– Денес сум тука како поранешен министер јавно да се изјаснам дека со постапката која се одвиваше после пожарот, жртвите изгореа по вторпат, а виновниците беа наградени. Истрагите и судските постапки кои се развија ме убедија дека таа постапка може да биде се, освен потрага по правда.
Сакам да потенцирам дека поради моите сомнежи како министер дека пожарот во модуларната болница е предизвикан поради злоупотреба на градежната постапка и постапката за јавна набавка, на 30 септември 2022 побарав интерна ревизија. На 25 јануари 2023 година нивниот извештај беше готов, при што беше дадена препорака Министерството да го раскине договорот за извршување на работите со „Брако“ и да не му исплати ништо на извршителот до крајот на судскиот процес.
На 20 февруари 2023 бев разрешен и како што видовме, мојот наследник Фатмир Меџити во јули 2023 година преку Владата на РСМ иницираше исплата на долгот кон компанијата „Брако“ . Еден од главните виновници во емисијата е награден – потенцира Сали.
Тој праша дали оваа исплата била по барање на Ковачевски или наредба од Артан Груби.
– Дали за овој неуспех е виновен поранешниот министер, која е обврската која оваа власт ја има кон Кочо Анѓушев и зошто оваа власт гази врз жртвите од пожарот? Каква е улогата на Љубомир Јовески кој поднел тужба за споредна одговорност игногирајќи ја одговорноста на нарачателите и изведувачите – праша Беким Сали.