Претстои уште многу важна работа да се заврши, а малку време за да се постигне тоа, изјави денеска американскиот амбасадор Џес Бејли за обврските кои треба да се спроведат согласно роковите од договорот од Пржино.
– Јанева веќе даде изјава и кажа дека ќе започне да ја врши нејзината важна работа и ќе продолжи да се залага за обезбедување на потребниот персонал и ресурси коишто и се потребни. Ќе напоменам дека 108 пратеници на Парламентот, четирите политички партии и Советот на обвинители ја избраа едногласно поради нејзиниот професионализам и правичност и мислам дека тие би сакале да и ги дадат средствата коишто таа смета дека и се неопходни за да ја спроведе нејзината важна работа, рече Бејли.
Според него, многу е важно да се спроведе веродостоен независен судски процес за прашањата кои произлегоа од прислушуваните материјали.
– Ова е многу важно за да и помогне на Македонија за да излезе од ситуацијата во која се наоѓа во моментов. Се надевам дека останатите процеси ќе продолжат. Претстои уште многу важна работа да се заврши, а не многу време за да се постигне тоа, рече амбасадорот Бејли.