Повеќе од 8 месеци Уставниот суд е на удар на барањата на приврзаниците на власта и на опозицијата околу иницијативата за уставна оценка на Законот за СЈО. Притоа, барањата се дијаметрално спротивни. Приврзаниците на власта бараат СЈО да биде прогласено за неуставно, додека оние на опозицијата бараат потврда на уставноста на СЈО, рече Јанко Бачев, претседателот на НДМ.
„Дури, приврзаниците на опозицијата и оние од „Шарената револуција„ веќе и порачаа на власта дека ги одбројуваат деновите до 18 јуни до кога бараат Уставниот суд да ја потврди уставноста на СЈО, а во спротивно ќе ја преземеле правдата во свои раце, што во превод значи граѓанска војна.
За НДМ нема дилема. Повеќе немаме простор за грешки во актуелната криза. А, најголемата грешка би била ако земјата биде вовлечена во граѓанска војна.
Токму затоа, НДМ презема поактивна улога и на овој план за да помогне во изнаоѓање на решение.
Имено, Уставниот суд треба да ја отфрли иницијативата за уставна оценка на законот за СЈО, и веднаш проблемот со СЈО да им го врати на политичарите и тие дополнително нека расправаат за она што го бараат од Уставниот суд, односно за статусот на СЈО.
Еве ги фактите за овој предлог на НДМ:
Прво, прислушуваните материјали се неподобни за законско регулирање. Тоа е политичко прашање кое се разрешува со политички, а не со правни методи, како што во слични случаи има постапувано и Советот на Европа.
Второ, Уставниот суд е правна, но во исто време и политичка институција од пресудно значење за политичките процеси во земјата.
Трето, во смисла на член 73 од Деловникот на Уставниот суд, судот при одлучувањето за уставноста на законите мора да води сметка не само за правните, туку и за политичките околности во кои делува.
Чеврто, легитимитетот на Уставниот суд извира од интелекталниот и научниот профил на судијата со способност и за политичко резонирање.
Петто, сo примената на меѓународната уставно правна доктрина и пракса на политичкото прашање (Political question), уставните судови во светот се заштитуваат од законите со политичка содржина и затоа таквите предмети им ги враќаат на политичарите.
А токму таков е и законот за СЈО.
Правната служба на НДМ во своите истражувања на светската уставно-правна пракса дојде до повеќе вакви случаи.
Колку за илустрација, да споменам еден случај:
Во Јапонија во 1959 година (Сунагава случај) е побарано уставна оценка за американските воени бази на Окинава стационирани во 1945 година и нивно укинување како неуставни. Врховниот суд на Јапонија одби да ја оценува нивната уставност бидејќи со забраната на американските бази и прогласување за неуставни би предизвикал нова војна. Притоа, јапонските судии запишаа во нивната одлука „нека тоа го прават политичарите, а не судиите„ и предметот им го вратија на политичарите. Така се брани достоинството на судиите и на правото.
Оттука, не гледаме причина зошто и Уставниот суд на Македонија не би го повторил она што го направиле нивните јапонски колеги.
Имено, во услови кога не е спорно дека СЈО е политички производ на 4 лидери на политички партии и во услови кога имаме конкретна закана за (граѓанска) војна од страна на приврзаниците на опозицијата доколку уставниот суд го укине СЈО, нека и македонските уставни судии во стилот на нивните јапонски колеги извикаат нека тоа го прават политичарите и предметот со СЈО им го вратат на политичарите, па тие нека се расправаат дали СЈО е уставен орган.
Од изнесеното се гледа дека има поткрепа во меѓународната уставна наука и пракса, Уставниот суд на Македонија да го врати предметот на политичарите“, рече Бачев.