Анализа: Кои од министрите на Заев се најголемо разочарување за јавноста

Од:

По ветувањето на премиерот Зоран Заев дека ќе ги отстрани слабостите во владеењето кои предизвикаа реакција кај јавноста, „А1 он“ направи анализа кои министри предизвикале најсилни негативни реакции во јавноста. Во неговата Влада речиси и да нема министер за кој не е поврзан некој скандал што резултирал со барања за оставки.

Tендерот за реагенси од 35 милиони евра и вакцините со погрешни датуми се главните причини поради кои јавно се бараше оставка од министерот Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, е меѓу најповикуваните на одговорност. Поништениот тендер за реагенси од 35 милиони евра, доделен на фирма со четиримесечно искуство, и вакцините со погрешни датуми се главните причини поради кои јавно се бараше оставка од министерот Филипче. Тој и во двата случаја изјавуваше дека не чувствува одговорност и не гледа причина да си поднесе оставка. Јавноста кај него гледа вина за тоа што нема измени во целиот систем, тргнувајќи од „Мој термин“, немањето лекови по петти во месецот, чекање со месеци за операции, па сè до нерешениот паркинг на Клинички и нерасчистеното ѓубре.

Од министерот Оливер Спасовски јавноста побара одговорност за бегството на експремиерот Груевски

Лавина реакции во јавноста предизвика и сè уште предизвикува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, поради бегството на експремиерот Никола Груевски, поради бегството на убијците на младиот фудбалер Мартин Јанушев, а и тој и министерот за транспорт и врски беа повикани на одговорност и за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 патници. На Горан Сугарески јавноста не му ја простува ниту продажбата на државното земјиште спроти „Холидеј ин“, каде што е предвидена изградба на шеесеткатници, простор за кој граѓаните се изјаснија дека сакаат да се уреди во парк. Големи забелешки Сугарески доби и кога го одложи официјалното пуштање на автопатот Миладиновци – Штип, како и за продолжувањето на роковите за изградба на другите патишта што сè уште се градат. Иако на врвот на хиерархијата, Сугарески не успеа да ги сопре ниту дивоградбите во државата и спротивно на очекувањата, се зборува за легализирање на дивиот хотел во Лагадин, на платформите на Матка и на Али-пашината џамија во Охрид.

Дамјан Манчевски, си го навлече гневот од јавноста по изјавите со кои ги оправдуваше вработувањата со непотизам на функционерите на СДСМ

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, си го навлече гневот од јавноста по изјавите со кои ги оправдуваше вработувањата со непотизам на функционерите на СДСМ, а не го исполни ниту најголемото очекување за намалување на бројот на администрацијата, заложба што самиот си ја наметна по доаѓањето на функцијата. Две години подоцна тој само декларативно го намалува бројот на административците и најавува разни видови анализи и пресеци, кои допрва треба да дадат резултат.

Не стивнуваат ниту забелешките за министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој се најде на удар на јавноста по преспанскиот договор кога беше побарана и негова интерпелација. Особено засилени беа негативните реакции за него кога јавноста дозна дека неговата ќерка студира на државен трошок во Холандија.

Слична реакција имаше и за актуелната министерка за правда, Рената Дескоска-Треневска, која како министерка за образование го запиша синот во приватно средно училиште, а јавноста ја уверуваше во квалитетот на јавното образование.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, неколкупати се најде во центарот на вниманието со вмешаност на неговите компании во доделување тендери, грантови, а беше повикуван на одговорност и за случајот со продажбата на „Фени“.

Иако со помал интензитет, јавноста ги критикува и министерот за економија, Драган Тевдовски, за ребалансот на буџетот и за воведувањето на даноците, и министерката за труд и социјала, Мила Царовска, која, наместо херој што откри измама во Фондот за пензиско, заврши како причина за раздор со коалицискиот партнер ДУИ.

Не беа поштедени ниту министрите на ДУИ. Министерот за животна средина, Садула Дураку, од кога е на функцијата, на прсти може да се избори колку пати дал изјави во јавноста. Го немаше во клучните моменти на најголемо загадување на воздухот, а од Министерството две години само најавуваат мерки и стратегии, кои никако да дојдат на ред за примена. Министерот не се појави со став ниту во моментите кога се уништуваа трските во Струга и Охрид, кога се нагрдуваше Матка, кога гореа депонии во земјата. Од тука ставот на јавноста дека од кога е тој на функција, како да нема министер за животна средина.

За непотизам осуда од јавноста доби и министерот за економија, Крешник Бектеши, оти си ја вработил сестрата во МЕПСО

Цел на јавноста поради непотизам беше и министерот за култура, Асаф Адеми, кадар на Беса, кој веќе си поднесе оставка, но не од морални, туку од здравствени причини. За непотизам осуда од јавноста доби и министерот за економија, Крешник Бектеши, оти си ја вработил сестрата во МЕПСО за што Државната комисија за спречување корупција одлучи да му поднесе прекршочна пријава.

Премиерот Заев во неделата, кога стана извесно дека за претседател на државата е избран Стево Пендаровски, на јавноста ѝ вети дека заедно ќе ги отстранат сите слабости во владеењето што предизвикаа реакции кај јавноста оти сите функционери мора да му служат на народот.

 

Маја Илиевска-Пачемска

 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Спасовски: Во следните четири години излез на домашните компании на европскиот пазар од 500 милиони луѓе

Горан Наумовски

Спасовски: Нема да дозволиме враќање во минатото кога шепотевме, се бориме за правда за сите!

Орце Костов

Филипче: Невработеност од најниски седум отсто и поддршка од 180 милиони евра за бизнисот

Спасовски од Куманово: Надминати кризите, енергетските компании во раце на граѓаните

Спасовски: Време е за подобро и повеќе – во следниве четири години минимална плата од 600 евра, просечна од рекордни 1.100 евра

Филипче: Месечен надоместок од почетни 60.000 денари за специјализантите