Канал 5 телевизија со изјавите и ставовите искажани во неколку изданија на емисијата „Миленко Неделковски шоу“ поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза кон лицата со различна сексуална ориентација, со што го прекрши членот 48 од Законот за аудиовизуелни медиуми, утврдил Секторот за програмски работи при Агенцијата за медиуми, отккао бил извршен вонреден надзор на неколку изданија на посочената емисија.
„Агенцијата, со вонреден надзор на неколку по ред изданија на емисијата „Миленко Неделковски шоу“, констатираше дека ТВ Канал 5 го прекрши член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со тоа што последователно носи уреднички одлуки да му овозможи на авторот на емисијата да поттикнува и шири дискриминација, нетрпеливост и омраза врз основа на сексуална ориентација. Со оглед на фактот дека во Законот не е предвидена мерка за прекршување на член 48, Агенцијата на ТВ Канал 5 му укажа да престане со ваквата практика, а Извештајот од надзорот и снимките од емисиите од 15, 22, 29 јануари, 5 и 12 февруари 2016г. ги достави до Комисијата за заштита од дискриминација, со барање за постапување согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Протоколот за утврдување на постапката за постапување во случаи за заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, од ноември 2015 година.“, стои во соопштението на Агенцијата за медиуми.
Агенцијата утврдила дека телевизијата не може само да се оградува од содржините на емисијата, како што прави пред почетокот на секоја емисија, туку е должна според законите да спречи говор на омраза и дискриминација. Во случајов, Агенцијата вели дека тоа е поедноставно бидејќи станува збор за емисија која е снимена, а не оди во живо и тие можат и мораат да ги прегледаат и да спречат ширење омраза во јавниот простор.
Секторот за програмски работи при Агенцијата за медиуми го советува директорот Зоран Трајчевски да го пријави случајот во Комисијата за заштита од дискриминација бидејќи во Законот не биле предвидени мерки за прекршување на членот 48.
Анализата мож да се прочита на овој линк.