ВИДЕО: Финансиски криминал и во Кинолошкиот сојуз, сомнителни патни трошоци, плаќања во кафеани и трошоци за гориво 

Од:

Скандали со финансиски проневери го тресат и Кинолошкиот сојуз на Македонија. Членови на Сојузот со месеци пријавуваат сомневања за финансиски злоупотреби и бараат отчет за извршените исплати од сметката, за патните трошоци, за трошоците направени во кафеани, за трошоците за гориво, се сомневаат дека има непријавени кучиња на изложбите, дека не се уредно плаќани давачките кон државата и низа други прекршувања. Сите сомневања се пријавени во надлежните институции, но повратна информација за преземени мерки не добиле од ниедно место.

„Во Кинолошкиот сојуз имаме сомневања за финансиски криминал, кој претходното раководство го изврши, тоа се Миле Алексовски и Горан Дојчиновски, претседател и потпретседател, а тој потпретседател и сега е потпретседател. Во времето кога тие се претседател и потпретседател, претседател на надзорната комисија беше Јордан Христовски, сегашен актуелен претседател. Во тој момент заеднички утврдивме криминал, кој стои во записникот, каде што тој изјавува дека меѓу себе се префрлани многу пари, дека од шампионати недостигаат 8.700 евра, дека се правени дупликат шампионати, дека на еден му е исплаќано 6.000 денари, а на друг 90.000 денари. Ние заеднички се договоривме сето тоа да го прекинеме и да продолжиме да работиме кинологија. Меѓутоа, господинот Јордан Христовски тоа го искористи за свои лични интереси, стана претседател на Собранието и потоа не презеде ништо. Ние во меѓувреме пријавивме во Финансиската полиција во мај 2018, имаме документи дека е пријавено, пријавено е исто и во Управата за јавни приходи, во Државниот инспекторат на УЈП, кај Народната банка. Никој ништо досега не презел“, вели Никола Ангелковски, претседател на „Ротвајлер клубот“, Кинолошкото друштво Ново Лисиче.

Ангелковски е разочаран што новиот претседател на Кинолошкиот сојуз, со кој заедно го откриле криминалот, сега кога станал претседател, ги отстранил од Сојузот сите што барале од него да постапи по откриениот криминал. Ангелковски се жали дека му се заканувале лично нему и на неговото семејство поради инсистирањето да се разоткријат работите во Сојузот.

„Сето тоа е пријавено во полиција, поднесени се кривични пријави за заканите. Ми се закануваат за да престанеме со обвинувањата против Јордан. Сите 11 кинолошки друштва ја бараме правдата, а тој ни враќа со закани, со дисциплински постапки, со исклучување“, вели Ангелковски.

Дисциплинската комисија во Сојузот, според сведочењата на дел од членовите, веќе исклучила неколку друштва. Меѓу исклучените е клубот „Шарпланинец“, кој добил казна пет години да не членува во Сојузот. Претседателот Нацко Савовски вели дека забраната доаѓа во многу критичен момент кога овој клуб се бори расата шарпланинец, која сега ја делиме со Србија, да се запише како наша автохтона раса.

„Пред шест години направивме еден проект од УНДП, Американците ни помогнаа да ја зачуваме македонската раса. Четири години имавме проект, каде што ја изолиравме ДНК на расата, што е меѓу ретки проекти на кучиња што се прави. Направивме 30 нови фарми на шарпланинци на бачила, го ставивме во Законот за сточарството, овчарите добиваат субвенции за расата шарпланинец. Јордан Христовски, новиот претседател, кој стана претседател со 60 делегати иако вкупно треба да дојдат 120, се осмели со своите полтрони од дисциплинската комисија да го казни клубот. Казни го Јордан, ние и понатаму ќе работиме за расата“, вели Савовски.

Претседателот на Кинолошкиот сојуз, Јордан Христовски, не сакаше да зборува пред камера за проблемите во Сојузот. Тој побара прашањата да му ги испратиме на имејл и најави дека кога ќе има време, ќе ги одговори оти со функцијата претседател на Сојузот се занимавал волонтерски. До објавувањето на текстот Христовски не испрати одговори.

Од Управата за финансиска полиција, каде што членовите пријавиле сомневања за криминал уште во мај 2018 година, велат дека се постапува по пријавата.

„За истото дело пријавено во мај 2018 година кај нас има уште една пријава, пред 2018 година. По таа пријава е веќе постапено. Изготвен е посебен извештај и испратен е до Основното јавно обвинителство. Истото дело е пријавено и вторпат. И по таа пријава, ќе се постапи на ист начин, посебен извештај ќе биде испратен во Обвинителството“, велат од Управата за финансиска полиција за „А1он“.

Во расчитување на случајот веќе се вклучила и Управата за јавни приходи. Членовите на Сојузот велат дека нивни инспектори веќе ја проверуваат документацијата. Од УЈП не откриваат детали за случајот.

„Ве известуваме дека Управата за јавни приходи постапува во согласност со законските прописи и по однос на вашите прашања, кои подразбираат откривање на даночните евиденции, УЈП во согласност со Законот за даночната постапка е обврзана да ги чува како даночна тајна“, изјавија од УЈП за „А1он“.

Би можело да ве интересира

УЈП ја објави новата листа на должници: 1801 фирма и 3606 граѓани должат 160 милиони евра

Орце Костов

Продолжување на рокот за поднесување ДДВ-04 пријави и надградба на ситемот е-ПДД

ВМРО-ДПМНЕ: Лукаревска место да поднесе кривична пријава до фирмите за криминал тежок над 22 милиони евра, таа ги става на листа на должници

Реакција на УЈП на прес-конференцијата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ

Демант од УЈП за тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ: Нема извршен поврат на ДДВ, даночните обврзници имаат даночен долг

Томовска: Во координација со финансиската полиција ќе одлучиме дали инспекцискиот надзор во М-НАВ ќе се прошири