Новиот директор на Македонски железници АД Транспорт, Зуљхајрат Демири, не е познато колку заработувал додека работел како келнер, како што тврдат опозициските партии, но директорската фотелја во најголемиот загубар во земјава ќе му донесе прилично висока плата.
„А1он“ истражуваше колку потрошиле Македонски Железници за плати на седуммината директори за секоја од последните пет години во кои со претпријатието раководеле кадри на албанските партии ДУИ, Алтернатива и БЕСА.
Според податоците до кои стигна „А1он“ ова претпријатие, кое важи за задоволување на директорските апетити на албанските партии кога преговараат со СДСМ за влез во власта, во последните пет години за плати издвоило 37 милиони евра, а голем дел од колачот завршува во џебот на директорите.
За 2022 година за плати се издвоени 456.959.000 денари или 7,3 милиони евра. Во 2021 година за плати се потрошени 481.668.000 денари или 7,8 милиони евра. Во 2020 година се потрошени 7,54 милиони евра, за 2019 година се издвоени 7,15 милиони евра, а за 2018 година Железници за плати потрошила 7,2 милиони евра.
Демири ќе биде шестиот генерален директор на Железници Транспорт од септемри 2018 година наваму, кој доаѓа од албанските партии кои се дел од владината коалиција, а ќе го замени Мајан Весели кој беше кадар на Алтернатива.
Демири на оваа функција доаѓа од позицијата претседател на партискиот огранок од Врапчиште и ќе заработува основна нето плата од 61.216 денари како генерален директор. Оваа плата е намалена од 1 октомври 2022 година согласно препораките на Владата за намалување на примањата на именувани функционери, а претходно изнесувала 66.692 денари нето.
Според финансиските извештаи на „А1он“, генералниот директор Мајан Весели за 2022 година заработил 789.352 денари нето плата.
Прилично високи плати имаат и шестмината секторски директори кои според статутот на компанијата се и членови на Управниот одбор. Нето платата на член на УО изнесувала 62.761 денар до 1 октомври 2022 година, а со намалувањето од Владата изнесувала 57.611 денари. Шестмината директори за 2022 година заработиле 4.456.992 денари или 75.000 евра нето плата.
Нето платата на советникот на директорот изнесува 54.665 денари. Во моментов генералниот директор има двајца советници за кои МЖ годинава ќе треба да издвои 1.311.960 денари нето плата односно над 21 илјада евра.
Надзорниот одбор го сочинуват шест членови кои добиваат месечен надоместок од 10.000 денари и претседател на одборот кој добива месечен надоместок од 12.000 денари. Годишно Железници издвојува по 864.000 денари нето за хонорар за надзорниот одбор.
Според податоците на „А1он“ сите функционери и советници во Македонски железници месечно ја чинеле компанијата 624.588 денари нето, односно годишно 7.495.056 денари. Во последните пет години, само за нето плати на директори, советници и членови на надзорен одбор, Железници АД Транспорт потрошиле 37.475.280 денари или 610.000 евра. Ако на ова се додадат и придонесите и додатоците, се доаѓа до сума од милион евра за плати на седум функционери, двајца советници и седум членови на Надзорен одбор.
Финансиските извештаи до кои дојде „А1он“ покажуваат дека Железници АД Транспорт во периодот додека со него директоруваат албанските партии, генерирало загуби од 30 милиони евра. 2018 година е завршена со загуба од 7,8 милиони евра, во 2019-та е генерирана загуба од 6,56 милиони евра, во 2020 година минусот е 6,25 милиони евра. За 2021 година е утврдена загуба од 4,5 милион иевра, а лани за три квартали загубата достигнала 4,63 милиони евра.
Од Железници за „А1он“ велат имало повеќе фактори за огромните загуби во работењето:
„Намален е обемот на работа, имаме поскапување на струјата и нафтата, а влијаеше и пандемијата со ковид-19. Имаме ограничувања на пругите на ЈП Инфраструктура, како и ограничувања и затвори на пругите во Србија, недостаток на локомотиви и застарен возен парк“, објаснија оттаму.
МЖ Транспорт ја завршило 2022 година со 787 вработени. Во 2022 година дојдени по оглас биле 80 вработени, а 188 работници заминале во пензија или им истекол договорот на определено време. Најмногу вработувања имало во 2021 година, вкупно 127, а по сите основи се заминати 130 работници.
Високи функционери од оваа компанија за „А1он“ велат дека и бројката од 896 вработени во 2018 е намалена за стотина работници, но се уште има вишок на луѓе кои се вработени по различни административни сектори кои речиси се невидливи во дневното работење на Железници. Според нив, недостигаат квалификувани работници на станиците и во секторите за одржување на возовите и вагоните.
Железничкиот систем на 9 април ќе прослави 150 години од своето постоење. Македонски Железници АД Транспорт ќе го одбележат јубилејот со возови кои имаат просечна старост од 50 години, вагони без греење, пруга на која овие возови се движат со 20 км/ч и долгови од над 30 милиони евра.