Јавното претпријатие „Железничка инфраструктура – Железници на Република Северна Македонија“ со години работи со загуби, располага со застарена и делумно нефункционална железничка инфраструктура, а за неискористени кредитни средства плаќа милионски провизии. Ова го утврди Државниот завод за ревизија во извештајот за финансиското работење и усогласеноста на претпријатието за 2024 година.
Според ревизорскиот извештај, загубата на претпријатието за 2024 година изнесува 188,8 милиони денари. Заедно со загубите од претходните години, вкупната загуба достигнала 4 милијарди и 724,9 милиони денари.
Ревизорите предупредуваат дека континуираните загуби негативно влијаат врз тековното и идното работење, развојот и ефикасното управување, одржувањето и безбедноста на железничката инфраструктура.
Еден од позначајните наоди се однесува на кредитите од меѓународните финансиски институции наменети за рехабилитација, изградба и реконструкција на железничката инфраструктура.
За овие проекти одобрени се заеми во вкупна вредност од 191,4 милиони евра, од кои 44 отсто сè уште не се повлечени. Поради неискористувањето на одобрените средства, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии, од кои 536.000 евра само во 2024 година. Најголем дел од провизиите се однесуваат на заемот за Коридорот 8 – Фаза 2.
Дополнително, во 2024 година за камати по заемите се исплатени 2,85 милиони евра. Каматните стапки се варијабилни и се движат од 4,84 до 5,14 проценти.
Ревизијата утврдила недоволна подготвеност, отсуство на системски и аналитичен пристап при планирањето, проектирањето и реализацијата на железничките делници на источниот дел од Коридорот 8, чија изградба започнала уште во 1996 година.
Поради непредвидени и дополнителни работи, биле направени бројни измени на основните проекти и договори, што довело до зголемување на нивната вредност и пролонгирање на роковите.
За првата делница, Куманово – Бељаковце, вредноста на договорот склучен во 2013 година се зголемила за 96 отсто, достигнувајќи 39,7 милиони евра. Завршувањето на проектот било пролонгирано за осум години и три месеци поради грешки во проектната документација, конструктивни и статички недостатоци, несоодветни технички решенија, дополнителна експропријација, промени на материјали и сигнализација, како и раскинување на договорот и избор на нов изведувач.
Кај втората делница, Бељаковце – Крива Паланка, дури 18 години по запирањето на градбата и осум години по склучувањето на договорот за заем, во јули 2022 година бил склучен договор за изградба во вредност од 155 милиони евра. Рокот за завршување бил продолжен до 23 октомври 2026 година.
Ревизорите утврдиле дека 33 отсто од материјалните средства во подготовка биле набавени пред 15 години, но воопшто не биле искористени. Ова е оценето како нерационално трошење јавни средства, со ризик од намалување на употребната вредност на набавената опрема.
Сериозни недостатоци се утврдени и во евиденцијата на имотот на претпријатието.
За земјиште во вредност од 7,2 милијарди денари не се обезбедени имотни листови. Дури 91 отсто од градежните објекти, во вредност од 12,77 милијарди денари, се линиски инфраструктурни објекти кои не се евидентирани во Катастарот на инфраструктурни објекти. За 88 отсто од останатите градежни објекти претпријатието нема имотни листови со кои би го докажало правото на сопственост.
Неправилности се констатирани и кај залихите на материјали, резервни делови и друга опрема. Дури 75 проценти од залихите, во вредност од 250,7 милиони денари, се постари од 2019 година. Притоа, претпријатието не ја утврдило нивната нето-реализациска вредност, со што не е утврдено дали постои потреба од сметководствено евидентирање на нивната намалена вредност.
Пополнети само 54 отсто од систематизираните работни места
Ревизијата утврдила и недостиг од кадар, како и проблеми со квалификациската структура на вработените.
Од вкупно 1.314 систематизирани работни места, пополнети се само 718, односно 54 проценти. Најголем дел од вработените се на возраст од 56 до 60 години.
Дополнително, 30 проценти од вработените не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование, а пет проценти не ги исполнуваат дополнителните услови пропишани со актот за систематизација.
Како проблематична практика е посочено и распоредувањето на вработените со времени решенија на систематизирани работни места, наместо спроведување постапки за вработување преку јавен или унапредување преку интерен оглас.
Оваа практика се применувала од 2020 година, а од 96 вработени распоредени со времени решенија во 2024 година, 55 проценти не ги исполнувале посебните услови за работното место, а 12 проценти не ги исполнувале дополнителните услови.
Според ревизорите, ваквиот начин на пополнување на работните места не е во согласност со начелата на еднаков пристап, соодветна и правична застапеност, стручност и компетентност.
Особено загрижувачки се наодите за состојбата на железничката инфраструктура. Ревизијата констатирала дека таа е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална.
На делови од главните коридори 10, 10д и 8 возовите сообраќаат со намалени брзини поради бројни дефекти, застарени системи и опожарени прагови, додека на одредени делници железничкиот сообраќај е целосно запрен.
Ревизорите посочуваат дека повеќе од 40 години нема значајни инвестиции во инфраструктурата, што ја загрозува безбедноста, капацитетот на железничкиот сообраќај и квалитетот на услугите.
Поради утврдените состојби, Државниот завод за ревизија ја нагласува потребата од значителни вложувања за модернизација и обновување на железничката инфраструктура.
Во конечниот ревизорски извештај се содржани препораки за надминување на констатираните неправилности. Јавното претпријатие на 3 ноември доставило известување за преземените мерки, а на 4 ноември и негово дополнување, со информации за активностите поврзани со Коридорот 8, Фаза 1 и Фаза 2, степенот на напредок на изградбата и другите преземени активности.
