Политичките партии се рекламирале и на портали кои не доставиле фактури до Државната изборна комисија за да добијат државни пари, покрај оние кои веќе имаат фактурирано за објавите во текот на изборната кампања.
„А1он“ ги истражи порталите кои објавувале реклами, а не бараат пари од државата. Ги има повеќе од десет. Меѓу нив има портали чии сопственици се сметаат за партиски активисти па затоа не ни побарале пари, има портал во сопственост на Здружение за негување на традиционалните вредности како и фирми кои се поврзани со други портали. Повеќето се внесени во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и портали на Државната изборна комисија што беше услов за да можат да објавуваат изборни реклами, но фактури за објавите не доставиле.
Експертите велат дека партиите искористиле дупка во законот за и на овој начин да дојдат до реклами. Државата префрла пари само на оние портали кои се регистрирани во ДИК, но не е регулирано како да се постапи со оние кои ќе објават реклами, но нема да бараат државни пари.
„Ако објавите се донација, тогаш политичките партии треба тоа да го пријават како донација оти нема начин да се исплатат од трансакционата сметка на партијата. Тие не бараат пари од државата па од тука не подлежат на сите веќе воведени правила. Очигледно е дека искористиле законска дупка“, велат за „А1он“ експерти кои го следат финансирањето на партиите.
Дел од порталите кои објавувале реклами, а не бараат државни пари немаат импресуми, имаат истакнато само уредник или стои само податокот во чија сопственост е порталот, но има такви кои имаат импресуми.
И во оваа група портали доминираат реклами на ВМРО – ДПМНЕ исто како и на порталите кои доставиле фактури за рекламирањето но не објавуваат вести по изборите, немаат импресуми и се регистрирани на домашни адреси за што „А1он“ веќе објави истражување.
Порталот prescentar.com на кој во време на изборната кампања беа објавувани реклами на ВМРО – ДПМНЕ сега е згаснат. Го нема во Регистарот на медиуми на ДИК, нема импресум ниту пак е истакнат сопственикот.
За време на кампањата, покрај рекламите на ВМРО – ДПМНЕ редовно објавуваше текстови против СДСМ.
Исклучиво ВМРО – ДПМНЕ беше рекламирана и на порталот megdaninfo.com кој има празен импресум. До четвртокот на овој портал стоеја рекламите на ВМРО – ДПМНЕ, а од петокот, пак, стои само дека страницата е во изработка. Смената на овој портал се поклопи со прашањата кои „А1он“ ги испрати до ВМРО – ДПМНЕ за тоа како се платени рекламите. Порталот е внесен во Регистарот на ДИК, но фактура за рекламирањето не доставил.
ВМРО – ДПМНЕ, но и ИНТЕГРА се рекламирале и на pelanet.mk, портал без импресум во сопственост на Здружение за негување на традиционалните вредности. Овој портал сега не се отвора, а домеинот пренасочува на порталот portal.pelanet.mk. Фактура за да добе државни пари за рекламирањето не доставил и покрај тоа што го има во Регистарот на ДИК.
Вести од јуни и јули стојаt на порталot vardarinfo.mk кој за изборите објавувал реклами на ВМРО – ДПМНЕ. Порталот го има во Регистарот на ДИК, но немаат доставено фактури за објавите.
Порталот vardarinfo.mk, сопственост на Лозенка Милчева „ММ Медиа“ ДООЕЛ Делчево, според податоците од Централен регистар, е регистриран годинава, на 14.01. 2020, а фирмата на 19.07.2019 година. Истата фирма е сопственик и на сајтот pogled.mk.
Како активист на ДУИ, доброволно, реклами на СДСМ и ДУИ на порталот express.mk објавувал сопственикот Блеранд Реџепи. Иако овој портал го има во Регистарот на ДИК, сопственикот вели дека воопшто не се пријавил за државни пари.
„Имав банери на веб – страницата ама не сум добил пари за ниту една од двете партии, сам ставав банери. Јас немам аплицирано за средства, а не сум го регистрирал порталот ниту како фирма. Тоа пто го има во Регистарот значи дека ДИК го измешале со expres.mk, тоа е друг портал, на македонски јазик“, вели Реџепи за „А1он“.
Тој е единствениот сопственик на портал што одговори на прашањата од „А1он“ за рекламите за време на изборите. Прашања добија и сите останати, но не одговорија.
На тазе портал се рекламирале и СДСМ. Порталот caku.info, кој нема импресум, објавувал нивни реклами. Според сервисот „Who.is“ порталот е регистриран на 02.02.2020. Фирмата, пак, во чија сопственост е порталот била регистрирана на 29.01.2020. Банерот од СДСМ се уште стои на страницата, а последните објавени вести се од август. И овој портал во има во Регистарот на ДИК, но фактура за рекламите не доставил.
Неколку дена подоцна од caku.info бил регистриран и порталот sigmak.mk на кој се рекламирале ДУИ. Порталот е регистриран на 10.02.2020. Нема импресум, а на местото каде што треба да е истакната редакцијата, објавен е ценовник. На порталот стојат главно стари вести со по некоја нова. Го има во регистарот на ДИК, но и овој портал нема доставено фактура за рекламите.
Алијанса за Албанците и Алтернатива се рекламирале на порталот fol.mk. Порталот има само главен уредник, заведен е во Регистарот на ДИК, но не фактурирал за објавените реклами.
И партијата ИНТЕГРА има реклами за кои не се доставени фактури. Објавени се на порталот bezisten.mk, кој нема импресум. Го има во Регистарот на ДИК. Лидерот на ИНТЕГРА Љупчо Ристовски, за „А1он“ вели дека не го нарачал рекламирањето и најави дека ќе го истражи случајот.
„Ниту ги знаеме кои се тие портали, ниту сме склучиле договор за рекламирање. Такво право ДИК не ни одобрил никогаш. Не знам за ова, првпат слушам и гледам. Ќе покренеме постапка. Со адвокатскиот тим ќе истражиме што се случило. Во благодариме за воочувањето. Што се нема да сретне човек“, изјави лидерот Ристовски за „А1он“.
Останатите политички партии не одговорија на прашањата од „А1он“ зошто нивни реклами се објавувани на портали кои не доставиле фактури за рекламирањето.
Од Државната изборна комисија не одговорија на прашањето како ќе постапат со порталите кои ги имаат во Регистарот, објавиле реклами, но не бараат пари. Место одговор од таму повторно го цитираа Изборниот законик.
„ Согласно член 75-ѓ став(6) и (15) од Изборниот законик, подносителите на листи можат да се рекламираат само кај регистрирани електронски медиуми. Во член 75-ѓ од Изборниот законик стои дека ДИК исплаќа фактури само на медиуми кои се регистрирани во Регистарот на ДИК, согласно одредбите од Изборниот законик. И согласно документацијата која се поднесува во прилог, во согласност со правилата“, велат од ДИК и нагласуваат дека иако е истечен рокот за поднесување фактури, постои можност за корекција доколку се воочат недостатоци во фактурите.
Собранието пред две години преку промената на Изборниот законик одлучи државата да ги плаќа предизборните реклами на партиите, наместо, како што беше претходно, политичките субјекти сами да си плаќаат за промоцијата за да се избегнат злоупотребите. Па така, рекламите кои се емитуваат пред изборите на телевизиите, радијата, весниците и порталите се плаќаат од буџетот на ДИК, откако претходно, партијата ќе склучи договор со медиумот, а потоа, ќе достави фактура до ДИК.