Кај портали со голи задници и партиски послушници заврши дел од државните пари за рекламирање на партиите

Од:

Меѓу медиумите што добија државни пари за рекламирање во изборната кампања има и такви што, по изборите, не објавуваат вести, има портали на кои излегуваат голи задници и еротски повици за пријателство, немаат импресум или се раководени од едно до две лица, има портали во сопственост на државни службеници, на вработени во Собранието и голем број медиуми што се водат на домашни адреси на сопствениците.

За изборно рекламирање, Државната изборна комисија во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и портали годинава запиша вкупно 230 портали, а на повеќето од нив веќе им се исплатени парите. Најдарежливи кон порталите била ВМРО-ДПМНЕ. Според досега објавените извештаи што медиумите ги доставиле до Државниот завод за ревизија, ВМРО-ДПМНЕ за рекламирање во портали во предизборната кампања потрошила над 10.267.501 денар или 166 илјади евра. Веднаш зад неа е Демократската унија за интеграција со 4.867.605 денари или 79 илјади евра, а на трето место е СДСМ, кој за рекламирање во портали потрошил 2.049.685 денари или 33 илјади евра.

ВМРО-ДПМНЕ за рекламирање во портали потрошила над 166 илјади евра, ДУИ потрошила 79 илјади евра, а СДСМ – 33 илјади евра

ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од другите политички партии, исплаќала суми поголеми и од 10.000 евра, а оваа сума ја надминала само Демократската унија за интеграција (ДУИ), која на порталот aktuale.mk, кој нема импресум, исплатила 1.088.550 денари или 17.700 евра, со вклучен ДДВ. Порталот е во сопственост на „Салих Алили“, а фирмата што ја испратила фактурата првин се викала Друштво за трговија и услуги „Гео-инвесмент“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, па во 2016 се преименувала во Друштво за трговија и услуги „Актуале“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.

Сума над 10.000 евра за рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ добил порталот makpress.mk на Душан Бекриќ. Партијата за изборната кампања на овој портал потрошила 725.700 денари. Фирмата Друштво за маркетинг, медиуми и консултантски услуги „Некс левел солушнс“ ДООЕЛ Скопје, која го фактурирала износот, се води на домашната адреса на Бекриќ кој, пак, во 2012 година станал државен службеник. Бекриќ на „Фејсбук“ има објавено заедничка профилна слика со Никола Груевски, која сè уште е на неговиот ѕид.

725.700 денари за рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ ќе добие makpress.mk, фирмата се води на домашната адреса на сопственикот Душан Бекриќ, кој има обајвено профилна слика со Никола Груевски

На домашна адреса е регистриран и порталот ohrid24.mk кому треба да му биде префрлена сума од 308.482 денара за рекламирање на ВМРО-ДПМНЕ. Сегашен сопственик на порталот е Александар Блажевски, а поранешен бил Павел Доневски, но и со сменет сопственик, во Централниот регистар сè уште стојат контактите од Донески. Останата е истата адреса во Елшани, на која се води и живеалиштето на Донески. Тој на „Фејсбук“ има фотографии со поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а често објавувал и фотографии со клетви против Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала и на порталот akcent.mk на Росана Кочова, асистентка во Собранието, и на Ана Стојаноска. Порталот, кој бил основан на 22 ноември лани, од ВМРО-ДПМНЕ за рекламирање во изборната кампања за предвремените парламентарни избори фактурирал 616.840 денари. Кочова овој месец правела свадба, на која, според објавените фотографии, гостин бил портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Газдарицата на порталот aкcent.mk, каде што ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала за 616.840 денари, месецов правела свадба, на која гостин бил портпаролот Димче Арсовски

ВМРО-ДПМНЕ трошела пари и во портали што сега не објавуваат вести. На порталот tri.mk, сопственост на Игорче Крстески, сè уште стојат вести од јули на почетната страница. Изборните банери за кои ВМРО-ДПМНЕ потрошила 299.174 денари сè уште не се тргнати, а при отворање на страницата се појавуваат попап-фотографии од голи женски задници, кои нудат пријателство. Порталот нема импресум.

Порталот tri.mk, каде што ВМРО-ДПМНЕ потрошила 299.174 денари, сега нема вести, стојат оние од јули, а при отворање на страницата се појавуваат попап-фотографии од голи женски задници, кои нудат пријателство

Застанат во јули годинава е и порталот bashke.tv, кој за рекламирање на ДУИ треба да добие 305.500 денари. На порталот сè уште стојат банерите „гласајте за број 9“. Управител е Дритон Куќи, а импресум нема.

Застанат во јули годинава е и порталот bashke.tv, кој за рекламирање на ДУИ треба да добие 305.500 денари

Немаат импресум со редакција ниту седумте портали во кои се рекламирала партијата ВМРО-ДПМНЕ, а фактурите во вредност од 1 милион и 200 илјади денари, за сите, ги доставила фирмата „Глобал нет“, чија дејност е информатичка технологија. Indigo.mk е првиот од порталите што добил 61.500 денари од ВМРО-ДПМНЕ, нема импресум и е со забавни содржини, а истовремено нема ниту датум на објавите, па не може да се утврди дали вестите се ажурираат или се стари. Порталот srekja.mk добил 123.000 денари, а исто така нема импресум. Во Централниот регистар може да се види само дека е сопственост на физичкото лице Сашо Јовановски, а имејл-адресата е [email protected]. Visitskopoje.mk e портал во сопственост на „Си-комуникејшн“, фирма во сопственост на Синиша Пековски. ВМРО-ДПМНЕ со 184.500 денари се рекламирала и на lady.mk, кој се самоопишува како портал за девојки, како и на ekran.mk со 246.000 денари, портал што во импресумот има само уредник, на gradina.mk со 123.000 денари и на biznisvesti.mk, портал со импресум без новинари, со 246.000 денари.

Немаат истакнато редакции ниту седумте портали во кои се рекламирала партијата ВМРО-ДПМНЕ, а фактурите во вредност од 1 милион и 200 илјади денари, за сите, ги доставила фирмата „Глобал нет“

И СДСМ трошел пари во портали без импресум. 76.000 денари од нив за рекламирање ќе добие  порталот infoalb.mk, кој нема објавено редакција.

76.000 денари за рекламирање на СДСМ ќе добие порталот infoalb.mk, кој нема објавено редакција

За реклами на порталот TetovaExpres.com, кој има истакнато само главен уредник – Ертан Идризи, кој истовремено е и сопственик, СДСМ потрошил 98.400 денари. Редакција нема. За предизборното рекламирање во име на порталот фактурата ја направила фирма регистрирана како Друштво за трговија и услуги „Лукс фасхион гроуп“.

За реклами на порталот TetovaExpres.com, кој има истакнато само главен уредник, без редакција, СДСМ потрошил 98.400 денари

Во објавениот извештај за искористениот рекламен простор од партиите во медиумите на Државниот завод за ревизија има уште многу портали. Меѓу нив има и такви што секојдневно објавуваат вести, имаат истакнато импресуми и фирмите преку кои работат не се регистрирани на домашните адреси на сопствениците, но не е мал бројот и на оние што по неколкумесечно постоење, добиле дел од државните пари, немаат импресуми, се водат на домашни адреси и немаат доказ за тоа колку се читани.

Ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ не одговори на прашањата од „А1он“ по кој критериум одлучувале каде ќе се рекламираат и што било пресудно за начинот на кој ќе ги потрошат државните пари.

Од Државната изборна комисија велат дека тие воделе сметка само за тоа медиумот на кој ќе се префрлаат парите да биде заведен во нивниот Регистар на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (портали). Услов, пак, за упис во Регистарот воопшто не биле импресумот и импресиите, туку само навреме пополнето барање за упис со приложена тековна состојба од Централен регистар, не постара од 30 дена.

Државната изборна комисија има обврска да им ги исплати парите на медиумите во рок од 90 дена по одржувањето на изборите.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Мицкоски едно зборува дома за уставните измени, друго надвор, не може да му се верува

(ВИДЕО) Интервју со Димитриевски: Исклучувам постизборна коалиција со СДСМ, дел од раководството треба да одговара

Александар Тодески

СДСМ: Уште еднаш се потврди дека Мицкоски едно зборува дома друго зборува надвор

ДУИ: Загрижени сме од апстиненцијата на ВМРО за членство на Косово во Советот на Европа

ДУИ: Сакале или не СДСМ и ВМРО, идниот претседател ќе се избира во Собранието

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Николова: Силјановска треба да се извини за навредите кон Пендаровски и Ковачевски

Горан Наумовски