Имаме најниски цени на нафтените деривати во регионот и најниска цена во изминатите 10 години, а промената на цената на акцизата нема никаков негативен ефект врз транспортната дејност, соопшти денеска Владата.
-Владата на Република Северна Македонија го уважува демократското право на протест на сите граѓани во земјата, но ја информира јавноста дека цената на акцизата на нафтата не предизвика никаков ценовен шок, напротив, имаме најниска цена на нафта во регионот и најниска цена во изминатите 10 години. Сите средства од зголемувањето на акцизата на нафтата одат во Буџетот за справување со коронавирусот за поддршка, за финансирање на мерки за поддршка на стопанството и за социјалните мерки за поддршка на граѓаните, соопшти владината прес-служба.
Посочуваат дека цената на акцизата е дефинирана врз основа на анализите кои покажаа дека промената на цената е незначителна во споредба со падот на цената на нафтата од јануари до сега.
-Со падот на цената на нафтата од нешто повеќе од 20 денари од почетокот на годината до сега, промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со ова големо намалување. Северна Македонија има најниска цена на нафтените деривати во регионот. Цените на еуросуперот 95 и еуродизелот БС во нашата земја изнесуваат 49.5 и 42.5 денари, додека во Бугарија се со цена од 59.7 и 57.24 денари, а во Србија со цена од 78.16 и 73.12 денари за двата вида гориво. Во Косово, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина и Грција цените се исто така доста повисоки во однос на цените во нашата земја, потенцираат од Владата.
Дополнително, додаваат, ако се направи споредба на цената на дизелот изминатите 10 години на денешен датум, може да се забележи дека во 2020 година имаме најниска цена на дизел споредбено со сите години од 2010 година до денес.
-Компаниите од транспортната дејност се поддржани и преку Развојна банка со антикризните мерки, при што од вкупно одобрените 4,7 милиони евра за бескаматни кредити, 2,1 милион евра се одобрени токму на компании во транспортната дејност. Поради изнесените факти, тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната, или другите дејности врзани за нафтените енергенси, се финансиски неоправдани и неосновани, нагласуваат од Владата.
Во услови кога цената на нафтата е падната за 20 денари, прецизираат, зголемување на акцизата од три денари како анти-кризна мерка е оправдано и нема да се одрази на цените на транспортните услуги.
-Напротив, транспортните компании на почетокот на годината кога ги креирале своите финансиски планови не предвиделе ваков пад на нафтата, согласно тоа веќе остваруваат заштеди по основ на цените на нафтата кои ги плаќаат. Напоменуваме дека предложениот механизам овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот, што се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од здравствено-економската криза заради коронавирусот, посочувааат од Владата.