Учесниците на Седмиот самит на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа изразија оптимизам

Од:

По завршувањето на Самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа во Софија, учесниците изразија оптимизам, наведувајќи дека соработката со Кина треба да се зајакне, како и дека треба да се создадат нови можности за инвестиции.

Министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто нагласи дека глобалната трговска војна е „особено лоша вест“ за Европската унија и дека поради тоа треба да се работи на градење на отворена и слободна соработка со Кина.

Сијарто истакна дека вредноста на унгарскиот извоз во Кина е највисока во Централна Европа, како и дека Кина најмногу инвестира во Украина од сите земји во регионот.

Тој нагласи дека Унгарија сака да ја зајакне финансиската соработка со Кина.

Проектот за пругата Белград-Будимпешта Сијарто го нарече „водечки“ на полето на развојот на инфраструктурата.

Словенечкиот премиер во заминување Миро Церар наведе дека Словенија ќе продолжи да тежнее кон поблиска соработка со сите припадници на иницијативата „16 плус 1“.

Во рамките на Самитот, Церар оствари средба со кинескиот премиер Ли Кечијанг, по што објави на Твитер дека заедно дошле до заклучок дека Кина и Словенија имаат многу добри односи.

– Со здружени напори 16-те земји од Источна и Централна Европа можат да ја унапредат размената и движењето на луѓето, добрата и услугите, искуствата и да ја користат експертизата и знаењето од НР Кина во овие процеси, но истовремено и да го направат овој регион атрактивна и примамлива дестинација за нови инвестиции на кинеските компании и примамлива туристичка дестинација за кинеските туристи, порача премиерот Зоран Заев.

Тој посочи дека Република Македонија е мала земја којашто е посветена на концептот на поврзувањето, што всушност е дел и од Иницијативата 16 плус 1.

– Како што вели кинеската поговорка: „Патувањето од илјада милји почнува со еден чекор“ – така и оваа иницијатива 16 плус 1 претставува првиот чекор на едно впечатливо патување и платформа со која Република Македонија ќе може да ги продлабочи врските и поврзувањето, да напредува на полето на енергетиката и инфраструктурниот развој, порача премиерот Заев.

На Самитот „16 плус 1“ во Софија, Србија потпиша три документи со Кина, од кои Комерцијалниот договор за изградба на третата делница на брзата пруга Белград-Будимпешта, од Нови Сад до Суботица е вреден 943 милиони евра.

– Од исклучително значење е што на Самитот конечно ја затворивме финансиската конструкција за целата делница во Србија. Ние почнавме со изградба на делницата Белград-Стара Пазова, Стара Пазова-Нови Сад, во должина од 75 километри со руски и кинески компании. Од денеска имаме договор за преостанатите 108 километри од Нови Сад-Келебија и изградбата би можела да почне во 2019 година, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ во Софија.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека Самитот на Кина со земјите од Централа и Источна Европа има за цел да ја зајакне Европа и да им овозможи на помалку развиените членки на ЕУ да ги достигнат поразвиените.

– Со дополнителните финансии од Кина можеме да ги завршиме заедничките проекти, кои во моментов не се на агендата на ЕУ, порача Борисов, нагласувајќи го притоа големиот развоен потенцијал на Западниот Балкан.

Петер Пелегрини, премиерот на Словачка, посочи дека Самитот со Кина не е „смислен“ за да му пречи на единството на ЕУ, туку дека треба да се гледа како помош за државите кои се развиваат.

Тој рече дека е благодарен на тоа што Кина сака да го отвори нејзиниот пазар.

Би можело да ве интересира

Бугарската амбасада во Албанија донираше во општина Пустец: „Секоја донација без задни намери е добредојдена“

А1он

Бугарија гради база за прием на авиони Ф-16

ВИДЕО: Бугарија повторно има преодна влада, на избори оди на 9 јуни

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Нов земјотрес ја стресе Бугарија

Бугарија оди на нови избори