Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави денес дека очекува реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски во вториот квартал да биде околу 25 отсто, а на крајот на годината, да биде постигната иста реализација на инвестициите како лани.
„Сите проекти што ги реализира Министерството, Јавното претпријатие за државни патишта, Македонија пат се во тек и нема застој и покрај здравствената криза. Очекувам годинава да ја завршиме со реализација од околу 86 проценти како што беше и лани, порача рече Сугарески.
„Во петокот три милиони евра се префрлени на ПУИГ за социјалните станови и со тоа 100 проценти ја реализираме програмата која до вчера практично беше нула. Редовно вршам увид во градежните активности скоро на сите проекти низ државата и можам да кажам дека тие се реализираат и покрја здравствената криза. Веќе е реализиран огромен дел на водоводи и канализации, скоро во целост се реализираат патиштата, добро тече изградбата на социјалните станови, а гасификацијата има одлична динамика. Се трудиме колку што можеме и во делот на железниците и покрај проблемите што излегуваат, рече Сугарески во одговор на прашање при денешната посета на Скопскиот меѓународен аеродром заедно со министерот за здравство Венко Филипче.
Сугарески рече и дека во Министерството за транспорт и врски првиот квартал е секогаш најслаб и додаде дека очекува до крајот на годинава реализацијата на капиталните инвестиции да биде слична како лани кога беше 86 проценти.
„Не можам да се согласам дека е слаба реализацијата на капиталните инвестиции, посебно не во делот на инфраструктурата каде има одлични резултати. Можеби имало 18 проценти во мај, но сега има 25 проценти,“ посочи Сугарески.