Словенија не може да ја тужи Хрватска околу Љубљанска банка, одлучи Европскиот суд за човекови права

Од:

Европскиот суд за човекови права соопшти дека Словенија не може да ја тужи Хрватска во име на Љубљанска банка за повреда на човековите права и се прогласи ненадлежен во врска со тужбата, чија вредност изнесува речиси 430 милиони евра.

Меѓународниот суд ги прифати хрватските аргументи и зазеде став дека Љубљанска банка не е невладина организација, туку е тесно поврзана со државата, па затоа Словенија не може во нејзино име да тужи за повреда на човековите права загарантирани со Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Словенија го започна спорот во 2016 година, повикувајќи се на повреда на неколку права од Конвенцијата поради начинот на кој хрватските судски и извршни власти постапиле во врска со побарувањата на Љубљанска банка кон хрватските трговски друштва.

Хрватска тврдеше дека Европскиот суд за човекови права не е надлежен за одлучување по тоа барање, бидејќи Љубљанска банка е владина организација во сопственост на Република Словенија и под управа на словенечкиот Фонд за сукцесија.

Љубљанска банка поради остварување наплата на неплатени и доспеани побарувања од кредити и гаранции пред хрватските судови од 1991 година, покрена повеќе парнични постапки против хрватски трговски друштва кои повеќето работеле во земјоделскиот и прехранбениот сектор.

Наплата на побарувањата на Љубљанска банка во повеќето случаи била невозможна, бидејќи должниците банкротирале или веќе не постојат.

Одлуката на Европскиот суд за човекови права е конечна и Словенија веќе не може да покренува нови постапки пред овој суд врз основа на истите факти.

Би можело да ве интересира

Хрватска доби нова влада, Пленковиќ по трет пат стана премиер

Несреќа во Хрватска, загинаа четворица мигранти

Горан Наумовски

ВИДЕО: Над 20 бродови изгореа во големиот пожар во пристаништето Медулин

Во каменолом во Хрватска несреќно загина работник

19 ранети граѓани на Украинa пристигнаа на лекување во Хрватска со авион

(ВИДЕО) Фантастично: Хрватската песна на Евросонг со знаковен јазик