Министерот за економија Ваљон Сарачини идната среда ќе се сретне со Синдикатот на ОХИС. Како што рече денеска, Владата останува на ставот дека овој загубар конечно треба да добие стратегиски партнер и работи на тоа.
– На наредната владина седница ќе биде разгледана нова можност за продавање на ОХИС. Очекувам во наредниот период да се подготви тендерската документација и да се најде инвеститор, истакна Сарачини, одговорајќи на новинарски прашања пред средбата со градоначалниците и бизнисмените од Северозапдна Македонија.
Според него, процедурата за продажба не е едноставна особено ако се земе предвид социјалната димензија. – Не е лесно да разговарате со инвеститор и да го замолите да ги задржи на работа сите вработени особено во ОХИС каде што има вкупно 800 лица, посочи министерот.
ОХИС, додаде, не е без сопственик, а Владата многу пати им излегуваше во пресрет и им помагаше на вработените.