Регионот поделен за црногорското решение за франкот

Од:

Ал Џезира Балкан – Сараево

За 683 Црногорци, корисници на кредити врзани за швајцарскиот франк, стигна олеснување. Собранието на Црна Гора усвои Закон за конверзија на кредити на кои нивните обврски ќе се пресметуваат во евра и тоа на денот на склучување на договорот и со фискална камата од 8,2 отсто. Товарот на курсните разлики во еднаков сразмер ќе го споделат корисникот на кредитот, банката и државата. Бидејќи се работи само за една банкарска институција која давала такви кредити, а тоа е Хипо Алпе Адриа Банката, таа доби рок од 30 дена да ги претвори сите кредити поврзувајќи ги со еврото, а не со швајцарскиот франк, како и 45 дена на корисниците да достават нови договори.

Оваа есен кредитно задолжените граѓани, кои поради промената на курсот на франкот добија енормно зголемување на месечните рати, конечно можат да здивнат кога ќе ги добијат првите рати според новиот модел. Иако каматата е дупло поголема, во повторно пресметаните кредити долгорочно гледаат спас.

Евро да, но со пониски камати

Иако еврото, всушност е домашна валута во Црна Гора, веста од Подгорица со интерес ја следеја во регионот, бидејќи корисниците на кредити врзани со швајцарскиот франк во БиХ, Хрватска и Србија, веќе со години се борат да ја олеснат отплатата на своите обврски кон банките. Ако не во евро, што е еден од предложените модели за решение, предлагаат конверзија на кредитите во националните валути.

Хрватска е држава во која се зборуваше за претворање на кредитите во куни, но подобрите познавачи на приликите предупредуваат дека тоа би ги потрошило државните резерви. Поради тоа како едно од можните решенија се наведуваше претварање во кредити врзани за еврото, намалување на главнината и до 25 отсто, согласно со падот на цените на недвижнините, како и поделба на трошоците меѓу државите и банките. Коментирајќи го црногорскиот модел, во Загреб велат дека тоа било очекувано, бидејќи има многу малку корисници, па и државата и банките но и корисниците можат да се согласат на поделба на товарот при конверзија на кредитите.

– И во Хрватска такво решение би било применливо, но во согласност со каматите какви што се кај нас, а не какви што се во Црна Гора. Кога во Хрватска би се применувале 5 отсто фиксна камата и ќе се земе главницата каква што беше на почеток, па така да се исплатува до крајот на кредитот, тоа би било прифатливо. Друго решение е кредитот да се претвори во куни со камата од 6 отсто – смета Горан Алексиќ, еден од најжестоките борци против кредитите во швајцарци и учесник во изработка на колективна тужба против хрватските банки.

– Сепак, не верувам дека тоа е можно во Хрватска, бидејќи тоа за банките значи отпис на најмалку две милијарди куни т.е. 265 милиони евра долг. Банките ќе се борат со раце и нозе тоа да го спречат – додаде тој.

Што ако франкот повторно почне да расте? 

И на подрачјето на Србија голем број граѓани се задолжени во кредити врзани со франкот. Но, одговорните на финансискиот портал kamatica.com не советуваат примена на такво решение во Србија.

– Не би советувала конверзија во друга валута, бидејќи тоа само може да биде еврото чија долгорочна перспектива е јакнење, додека перспективата на швајцарскиот франк е слабеење. Со оглед дека граѓаните во овој момент главно се задолжени на 15 и повеќе години, совет е во овој момент ништо да не менуваат туку да го следат развојот на состојбата – порача Душан Узелац, водечки човек на тој портал.

И тој смета дека претворањето на кредитите во домашна валута за српските граѓани би било најдобро решение, но некој мора да ја плати цената на таквата одлука.

– Земајќи предвид дека во Србија поголем број на луѓе се задолжени во франци, тоа воедно значи дека таквата одлука ќе чини многу пари и во политичката подготвеност, затоа не постојат индиции овој проблем да може да се реши на овој начин во Србија – вели тој.

Денис Перинчиќ од Републичката унија на потрошувачите на Србија приказната ја враќа на почеток, потсетувајќи дека банките своевремено давале кредити во динари добиени од профити, а не во франци, како што погрешно се претставува во јавноста. Во таа смисла, го објаснува поимот морален хазард, според кој состојбата во која денес се најдоа кредитно задолжените е последица на непружање на целосни информации на потрошувачот, т.е. за ризикот на кој се изложени. Тој тврди дека банките знаеле дека франкот енормно ќе расте, а ниските каматни стапки само биле мамка.

– Банките заработија како на курсната разлика така и на едностраниот дизајн на каматните стапки. Знаеја и морале да знаат дека ќе дојде до раст на франкот, само е поставено прашањето дали ниската каматна стапка ќе биде доволна франкот на долги патеки да биде победен. Денес се гледа дека ниската каматна стапка не била доволна да го неутрализира растот на франкот, во однос на еврото – потсетува Перинчиќ.

Тој предупредува и дека франкот ќе расте, бидејќи тоа е неминовно, само е прашање колку ќе расте. – Било кој од нас пред 7 или 8 години да ги размеше еврата во франци, а не да купува стан, и да ги става тие пари на штедење, денес би бил богат човек. Вака, се впуштија во ризик на земање на кредити во валута во која не стопанисуваат и плаќања во домашна валута – потсетува тој.

Кога ќе се вмеша државата

Постоењето на т.н. валутни клаузули во договорите не е непозната пракса, укажува Џафер Алибеговиќ од Економскиот факултет во Сараево, но смета дека нејзиното договарање во земји кои имаат валута со стабилен курс (конвертибилната марка е врзана за еврото), Црна Гора веќе има евро, а куната и динарот имаат стабилен курс, е знак прашалник од гледна точка за заштита на двете договорни страни од ризик. Валутата со која е правена заштитата била франкот, продолжува тој, но тоа не пречело на идните корисници бидејќи биле привлечени од пониската номинална каматна стапка.

Кога курсот на франкот е ослободен, таа валута порасна во однос на еврото, а со неа и месечните ануитети за отплата на кредитите, па корисниците се обидоа да најдат решение со банките, а потоа и со државата.

– Не видов дека макар една од државите проблемот да се обиде да го реши со отстранување на причините (испитување на примената на варијабилната каматна стапка на кредитите), водејќи сметка за тоа дека профитот на банките во кредитирањето на населението да не треба да биде од шпекулативни извори, туку од каматите. Напротив, сите решенија одат во правец на санирање на последиците, т.е. на намалување на притисокот кој го трпат корисниците на кредитите. А тука нема добро решение. Кога и да се замеша државата во арбитража меѓу две договорни страни (и тоа со пари од други даночни обврзници), некој ќе излезе незадоволен – предупредува Алибеговиќ.

За проблемот на задолжените граѓани заклучно смета дека најдобро би било корисниците на кредитите и банките да најдат решение во меѓусебната комуникација – банките, откажувајќи се од дел на заработката за која претпоставувам дека не ни сакале; граѓаните, прифаќајќи дека донеле погрешна одлука и дека за таа грешка мора да платат. 

Би можело да ве интересира

Почина Матија Шаркиќ, голман на фудбалската репрезентација на Црна Гора

Земјотрес во Црна Гора

Србите со ултиматум до црногорскиот премиер-Резолуција за геноцид во Јасеновац или крај за владата

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Полуматуранти запалија училиште во Подгорица: славеле крај на основното образование

Катерина Ѓуровски

Поддршката на Резолуцијата за Сребреница ја става Црна Гора пред закана за нов српски бунт

Полициска рација во просториите на црногорската Агенција за сузбивање на корупцијата