Расте притисокот во преговорите меѓу Грција и кредиторите

Од:

Паралелно со преговорите на техничко ниво во Брисел, грчки владини претставници за денеска имаат закажано значајни средби во европски метрополи, во обид да се справат со кризата со готовина со која се соочува земјата, а притисокот го зголемува и Меѓународниот монетарен фонд.

ММФ наводно најавил дека ќе се повлече од програмата за заем на Грција ако не се преземат чекори за да се намали огромниот долг на земјата. Од траншата од 7,2 милијарди евра која Грција се обидува да ја обезбеди преку преговорите со кредиторите, 3,5 милијарди евра се рата за ММФ. Според „Фајненшл тајмс“, претставникот на ММФ, Пол Томсен ги предупредил министрите за финансии од еврозоната на самитот во Рига минатиот месец дека Грција ќе објави примарен дефицит од 1,5 отсто од бруто домашниот производ. Тоа е сосема спротивно на целта поставена од страна на доверителите за три отсто од БДП, што Грција сака да го намали на 1,5 проценти од БДП. За намалување на јазот ќе бидат потребни мерки кои ќе треба да обезбедат неколку милијарди евра. Но, според весникот, Томсен исто така ја нагласил потребата за отпишување на долгот.

Кусо време по информациите дека ММФ го зголемил притисокот во разговорите за долгот, кабинетот на грчкиот премиер синоќа соопшти дека Ципрас „дискутирал за прашања поврзани со актуелните преговори“ со шефот на Фондот Кристин Лагард.

Раздвиженоста на грчките функционери е со цел да се бара поттик за ликвидноста од другиот кредитор, Европската централна банка. Заменик-премиерот Јанис Драгасакис ќе се сретне со претседателот на Европската централна банка Марио Драги во Франкфурт. Средбата се одржува само еден ден пред управниот совет на ЕЦБ да одлучи за тоа дали уште повеќе да ја прошири помошта за итна ликвидност во Грција, и покрај шпекулациите дека и ЕЦБ ќе врши притисок врз Атина. Грција, сепак, се надева дека ќе ја убеди ЕЦБ да ја зголеми својата горна граница од од 15 милијарди евра за нивото на грчките државни записи кои може да се издадат и да им овозможи на локалните банки да ја зголемат нивната изложеност на овој вид на долг.

Додека Драгасакис е на средба со Драги во Франкфурт, грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис во Париз ќе разговара со неговиот француски колега, Мишел Сапин. Потоа ќе замине за Брисел на разговори со еврокомесарот за економски и монетарни прашања Пјер Московици.

Состаноците се случуваат во време кога Грција се подготвува за нова серија на отплата на долгот кон доверителите, 200 милиони евра камати кон ММФ кои доспеваат утре, а на 12 мај повеќе од 700 милиони евра, исто така кон ММФ. Државата исто така мора да плати уште 2,5 милијарди евра во плати и пензии овој месец.

Би можело да ве интересира

Мицотакис: Во овие околности меморандумите нема да се ратификуваат во грчкиот Парламент

ЕУ донесе нов правилник за Шенген и гранична контрола

Горан Наумовски

Дејвид Гир од Тетово: Сакаме да работиме со сите кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ

Маринакис: Другата страна не ги почитува основните работи, односно името на земјата, која не се вика Македонија, туку Северна Македонија

Каселакис: Меморандумите се позитивни за Грција и од геополитички и од економски причини

Сè додека трае оваа ситуација нема да ги ратификуваме меморандумите, повторно порака од Грција

Катерина Ѓуровски