Понеделник последен рок за барања за отпис на долгови

Од:

Понеделник е последниот рок кога граѓаните од ранливите категории може да поднесат барање за отпис на долговите. Продолжување на рокот ќе нема, а надлежните ги повикуваат граѓаните што ги исполнуваат условите да ги посетат центрите за социјална работа и да поднесат барање. Досега се поднесени околу 34.000 барања, а првите решенија се очекуваат меѓу 20 и 25 октомври.

Заклучно со вчерашниот ден, како што инфомираа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, доставени се околу 34.000 барања. Најголем дел, 11.000 се во Скопје, во Куманово има 4.500, а следуваат Прилеп, Тетово, Гостивар и Струмица со поднесени меѓу 1.600 и 2.600 барања.

– Уште пет дена има до крајниот рок, 13 октомври во 1 часот и 30 минути. Апелирам до сите граѓани да не чекаат до последниот ден бидејќи ќе има гужви, ќе има нервози. Подобро е уште денес или утре да ги посетат центрите за социјални работи во нивните населени места, да го пополнат едноставниот формулар со внесување основни податоци, а сето друго подоцна комисијата ќе го направи преку обезбедување документација по службена должност, порача министерот Ставрески.

Тој додаде дека нема причина за продолжување на рокот, бидејќи граѓаните беа информирани и оти ги известуваат и од центрите за социјални работи и очекува оние кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста и правото за отпис на долгови.

Потенцира дека поднесените барања потврдуваат оти мерката е добро дизајнирана и насочена кон ранливите категории на кои ќе им се отпишат долговите и ќе им се помогне да се опорават.

– Интересот на граѓаните во сите населени места за овој проект е извонреден, согласно очекувањата. Имаме 33.857 барања заклучно со вчера и тоа покажува дека мерката е добро дизајнирана, насочена кон оние на кои им е најпотребна. Тоа се најранливите категории граѓани на кои еднократно ќе им се отпишат долговите и на тој начин да им помогнеме во решавање на животните предизвици и да можат полесно понатаму да се справуваат со предизвиците што ги донесе светската и европската криза, изјави министерот Ставрески.

До граѓаните кои ги исполнуваат условите, особено примателите на социјална и парична помош,  апел да поднесат барања упати и министерот Спасов кој потенцира дека еднократниот отпис на долговите се спроведува еднаш и нема да се повтори.

Комисиите ги разгледуваат поднесените барања, а целиот процес се очекува да заврши во ноември.

Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радиодифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Барања може да поднесат лица приматели на социјална помош, невработени и лица што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските.

Би можело да ве интересира

Жителите на Слупчане се уште го блокираат влезот: Ќе го платиме долгот кон ЕВН, но не и каматите

Орце Костов

ВИДЕО: Се спрема отповикување на градоначалниците недомаќини, општините пак во долгови од над 75,7 милиони евра

Маја Илиевска-Пачемска

Да се интензивираат активностите за отпис на каматите и за репрограмирање на долговите за физички лица

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Заев: Предлагаме закон за отпишување на сите камати на граѓаните-должници, за сите предмети дадени за извршување до крајот на 2017 година

Поведена постапка против Зоран Ставрески кој се сомничи за нанесена милионска штета на буџетот

Кристијан Ландов

Ќе се допрецизира Предлог законот за отпис на камати за наплата на долгови

Ана Ололовска