Ќе се допрецизира Предлог законот за отпис на камати за наплата на долгови

Од:

Собраниската Комисија за финансирање и Буџет денеска не расправаше по Предлог законот за отпишување камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, поднесен од пратениците и од опозицијата и од владејачките партии, со цел тој да се доуреди.

Пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој побара одложување на оваа точка, предлог кој го поддржаа останатите членови, појасни дека за комисиската расправа биле утврдени седум амандмани, но оти во меѓувреме од поставувањето на точката стасале нови предлози, кои како предлагачи решиле да ги анализираат.

– Од јавната расправа прифативме да се прошири опсегот и ослободувањето да важи и за радиодифузната такса, што е значајно прашање бидејќи има голем број граѓани должници по овој основ. Прифативме и пред да отпочне постапката за отпис доверителите да донесат одлука на своите управни органи и таа да биде објавена во медиуми. Она што по мене е многу важно е и тоа дека прифативме намалување на процесни и извршни трошкови за нотари, адвокати и извршители наместо една третина да плаќаат една четвртина, рече Минов.

Тој појаснува и дека се бара и ослободување не само од камати, туку и од долгови до пред 2014 година, како и предлози за поедноставна и поевтина процедура за граѓаните.

Законот за отпишување на камата за наплата на долгови, кој во прво читање Собранието го усвои кон крајот на јуни, обезбедува отпис на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и трошоците на постапката од страна на должникот.

Предложениот закон предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување.

Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат од 2011 година, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршуваат кај извршителите. Во тој процес најголеми жртви се граѓаните кои се соочија со огромни затезни и казнени камати за предмети за кои не биле ни свесни дека постојат, ниту пак дека има предлози за присилна наплата.
Отпис на долговите, согласно законот, се врши врз доброволна основа од страна на доверителот. Доверителите од член 2 став 1 точка 1 од овој закон, основани од Владата на Република Македонија и општините и градот Скопје кои се во државна сопственост, односно сопственост на општината или градот Скопје вршат отпис на побарувањата по основ на наплата на затезната односно казнената камата по главен долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата.

Доверителите, кои се во приватна сопственост, доброволно одлучуваат преку своите органи на управување, за едностран опис на побарувањата по основ на наплатата на затезната односно казнената камата на главниот долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата согласно член 3 од овој закон.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови